Османи упорен: Без ДУИ нема Бадентер, без Бадентер нема влада


Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи. На прес-конференција тој тврдеше дека не може да има Влада без двојно мнозинство, повикувајќи се на Рамковниот.

„Охридскиот рамковен доведе до две мнозинства, 61 и мнозинство по Бадентер. Забораваме и размислуваме само за едното мнозинство од 61. Едното секогаш оди со Бадентеровото. Ќе треба време за да ја сфатиме логиката на Охридскиот договор. Рамковниот договор има механизми за заштита на заедниците од надгласување, не е за заштита на мнозинската заедница. Затоа бара покрај 61 и Бадентерово мнозинство. Јалови се сите обиди да се потцени второто мнозинство при било кои избори по 2001 година“, рече Османи.

Османи одговори и на прашање, за кое рече дека е навредливо за Албанците.

„Толку е навредливо ова прашање. Како размислувате уште дека Албанците можат да бидат народ кој што е поканет или непоканет? Граѓаните одлучуваат кој ќе ја формира Владата. Затоа има две мнозинства со Рамковниот договор. тие што ги исполнуваат двете мнозинства, формираат Влада. Не може да се формира Влада без Бадентерово мнозинство. Ова не е моја проценка“, додаде Османи на прашање што доколку македонскиот блок обезбеди доволно гласови да формира влада.

-Не може без двојно мнозинство да има функционален парламент. Дали треба да го нацртам поинаку…, кажа Османи.

Тој упати низа обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ, мeѓу кои дека секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси, отворено се закaнуваат на, како што рече, славното востание од 2001, ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници, додека ДУИ гарантираат стабилност и соживот.

Во врска со тоа како ќе настапат во вториот круг од претседателските избори, односно дали и кој од двајцата кандидати ДУИ ќе го поддржат, одлуката ќе биде соопштена во наредните денови.