Сите против ДУИ, биле синоним за зло во државата

СДСМ е изненадена од одбивањето на ДУИ да се организира лидерска средба


Коалицијата ВЛЕН испрати реакција на обвинувањата од ДУИ дека новата влада води „руска политика“. Во неа тие ја посочуваат ДУИ како синоним за зло и за дестабилизација на државата, бидејќи кога тонат сакаат да ја повлечат и неа со нив. 

-Таканаречениот Европски фронт, кој сега ги фрла последните клоци, се обидува да сее несигурност кај граѓаните. Тоа што Фронтот наречен “европски“ беше дестабилизиран не значи дека треба да се дестабилизира државата. Тоа што се поделија, не значи дека општеството ќе се подели како нив.Во овие клучни моменти за иднината на државата, ги повикуваме сите политички актери кои и посакуваат добро на државата, да се обединат околу стратешките цели, а тоа се европските вредности и евроинтеграциите, а не други ретроградни дејствија.

Кога ДУИ зборува за руски инфилтрации, ја потсетуваме јавноста дека оваа партија му даде пасош на прорускиот бизнисмен Онишченко, кој е на црната листа. Смешно е кога ДУИ зборува додека нејзините постапки ја демантираат. Токму оваа партија сама го отвори небото за да го донесе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Скопје.

Обидите за дестабилизација нема да поминат, ќе тече хармонија и соживот меѓу граѓаните каде сите ќе се чувствуваат еднакви. Ова го дадовме како ветување во предизборната кампања и посветено се залагаме за тоа секој ден, порачуваат од ВЛЕН.

Во реакцијата тие и го освежуваат сеќавањето на ДУИ за настаните додека беа на власт.

-Синоним за дестабилизација е Девалвирачката Унија на Институциите. Им го освежуваме сеќавањето. Сите страшни настани во државата, особено за Албанците, се случија кога ДУИ беше дел од власта. Случаите “Монструм“, “Диво Наслје“, се настани кои ја затегнаа државата, но за среќа не создадоа поделеност во општеството. ДУИ е синоним за зло и за тоа Албанците ги испратија на местото каде заслужуваат да бидат, во опозиција.

Албанскиот народ повеќе нема да се изманипулира. Правдата доаѓа, а вашите игри завршија. E ова им пречи на експонентите на ДУИ, поточно Артан Груби. Бајките и лагите кои се обидува да ги наметне во домашната јавност веќе не поминуваат, па сега се обидува да ги пренесе своите лаги во јавноста во Албанија дека по инцидентите кои се случиле биле уапсени 17 Албанци, што апсолутно не е вистина. Потсетуваме  дека 17 лица беа уапсени за палење на државното знаме и албанското знаме.

ВЛЕН гарантира: Законот е за сите и над сите! Никој нема да биде над законот, без разлика на позиција или припадност. Безбедноста е приоритет! Секој граѓанин, без разлика, заслужува да се чувствува безбеден и заштитен. Правдата е на дело! Секое кривично дело ќе се истражува, секој сторител ќе одговара и никој нема да избега од казна,стои во соопштението на оваа партија.

Во политичката кавга  секој против секого стигна реакција и од СДСМ на сметка на поранешниот коалиционен партнер. Откако Венко Филипче потврди дека СДСМ претрпела штета поради толерирањето на ДУИ,  од албанската партија порачаа дека СДСМ шири албанофобија. Повод за реакцијата е одбивањето на ДУИ, исто како и на ВМРО-ДПМНЕ, да се одржи лидерска средба за настаните минатата недела кои ги кренаа политичките тензии.

-Изненадени сме од ставот на ДУИ дека Филипче и СДСМ шират албанофобија кога единствената партија која повикува на единство и стабилизација на меѓуетничките односи е токму СДСМ и претседателот Филипче. СДСМ е фактор на стабилност во Македонија од нејзиното осамостојување и гарант на стабилните меѓуетнички односи. Сите историски немили настани на тој план биле надминати заради државничкото политичко однесување на СДСМ.

Очекувавме дека ДУИ први ќе ја прифатат лидерската средба за стабилност која ја понуди претседателот Филипче. За жал, тоа не се случи и ДУИ пропушти можност исто како и ВМРО-ДПМНЕ да покаже дека вистински се залага за мирот и стабилноста во државата. СДСМ продолжува да делува конструктивно на ова поле и да биде заштитник и промотор на правата на сите граѓани на Македонија, без разлика од која етничка заедница потекнуваат. Сржта на новата платформа на СДСМ е еднаквоста, правдата и меѓусебното почитување и ниеден напад на овој темел на социјалдемократијата нема да вроди со плод.

Ја користиме оваа прилика уште да ги повикаме ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и сите останати парламентарни партии да го прифатат повикот за лидерска средба од каде заеднички ќе испратиме порака за стабилност. Доколку ова не го прифатат, со жалење ќе мора да констатираме дека некоја од овие партии има интерес од постајно подгревање на тензиите што е многу опасно за државата, порачаа од СДСМ.