ВЛЕН во политички транс: Носеле благосостојба во Македонија
Коалицијата ВЛЕН, во најновото соопштение пишувано по теркот на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, а веројатно и од нивниот пропаганден центар, објави денес еуфорично дека делата зборуваат за нив и дека со цврста посветеност – носат промена во Македонија за сите граѓани. Па, така ги набројаа најголемите достигнувања откако се дел од власта, меѓу кои зголемувањето на пензиите од 2.500 денари, деветте нови лекови на позитивната листа и давањето на К-15 на вработените во државната администрација.
„Пензионерите, една од најранливите категории на општеството, ќе имаат корист од вкупното зголемување на пензиите за 5.000 денари, почнувајќи со 2.500 денари од септември, давајќи им ја поддршката што ја заслужуваат за достоинствена старост. Во областа на здравството се случува огромна трансформација. Од 16 септември, пациентите ќе имаат пристап до девет нови лекови од позитивната листа, која не беше ажурирана цела деценија. Оваа значајна реформа го подобрува здравствениот систем и значително ја намалува финансиската тежина за илјадници граѓани. Исто така, над 84.000 вработени во државната администрација ќе ја добијат заслужената награда од 11.000 денари преку К-15, мерка која не е само економска помош, туку и јасен израз на почит кон неуморната работа на секој вработен. Во овој пакет поддршка се вклучени и наставниците – архитектите на нашата иднина – докажувајќи дека ВЛЕН не заборава никого. Коалицијата ВЛЕН ги турка напред неопходните реформи за подигнување на сервисните услуги на сите државни институции. Преку конкретни дела, ние градиме иднина во која секој граѓанин ужива сигурност, достоинство и благосостојба што ги заслужува“, стои во соопштението на ВЛЕН на кое може да му позавиди и Ким Џонг-ун.