ВЛЕН во кавги, врти ли ВМРО-ДПМНЕ накај ДУИ

Додека светот е во најопасниот период од крајот на Втората светска војна во Македонија останува на сила најважната работа како да се освои апсолутна власт


Внатрепартиските расправи во коалицијата ВЛЕН добиваат сѐ пожестоки димензии кои водат кон распад. Рејтингот на ДУИ расте кај албанските гласачи. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, иако енергично демантираат, впечаток е дека внимателно го вртат курсот кон ДУИ. Случајот со Артан Груби и неговото враќање во Македонија навестува старо-нови предизборни коалициски партнерства.

Тоа, нели, е легитимно право и дозволено во политиката, повеќе пати сме го гледале тоа прекрасно „партнерство“, само што овој пат разводот беше со тешки обвинувања за неверство, криминал и корупција со голем сеир на валканите алишта пред јавноста. Ама, без гајле, народот како што милуваат да кажат лидерите, сето тоа ќе го позлати со одобрување како ништо да не било, ако веќе мора повторно да се дели власта со озогласениот Али Ахмети.

Ова се најважните теми во партиските кулоари додека во светот прашањето дали сме влегле во Трета светска војна е тема на голема дебата меѓу аналитичарите, политиколозите и воените стратези. Повеќето експерти сметаат дека официјално не сме во Трета светска војна, но признаваат дека светот е во најопасниот период од крајот на Втората светска војна. Во Македонија останува на сила најважната работа како да се освои апсолутна власт. До таму стасува визијата на премиерот Мицкоски и на владата за иднината на државата во овие драматични настани кои ја обележуваат новата Јалта и новата геополитичка карта на поделба на влијанија на големите сили. Каде ќе се најде Македонија во таа поделба на интереси кај нас е споредна тема, државата е препуштена на судбината.

Што разговарале Путин и Трамп за Западен Балкан!?

Еве само неколку прашања на кои во земјата од надлежните институции, владата, Собранието, па и во медумите, нема ниту еден збор. Пред неполн месец се објави веста искажана од министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, дека претседателите Владимир Путин и  Доналд Трамп разговарале и за Западен Балкан. А, што би можеле да разговараат двајцата највлијателни луѓе во светот за овој регион, на пример, за Србија, за Македонија и за Босна. Другите, Црна Гора и Албанија го трасирале патот до ЕУ од кој нема враќање и веќе се пред целта.

Или, има ли некаква анализа и сознанија што значат за Македонија најавите на светските влијателни државници и личности кои предупредуваат дека Америка, Кина и Русија се пред триумфират да управуваат со светот. Размислува ли некој во власта за поодамна најавената проценка на Ноам Чомски, која повторно е актуелизирана деновиве со извесноста дека Албанија за година-две заедно со Црна Гора  ќе станат членки на ЕУ и со тоа е отворен патот на  припојување на Косово и Албанија. Како тоа ќе се одрази на Македонија. Тоа е само глупаво прашање од кое надлежните  не ги боли ни глава, ниту пак нешто друго.

Треба ли некој во земјата да размислува за тектонските промени кои се во тек ако премиерот Мицкоски и неговата влада одмавнуваат со раката дека тоа не е можно и се разбира ако уште најактеулните теми им се како повторно да ја заробат сопствената држава. Се разбира дека размислуваат и ревносно работат на големите промени да го освојат целосно првосудниот систем, јавното обвинителство, Судскиот совет, Уставниот и Врховниот суд, да го надмудрат синдикатот за неговата активност да се зголемат мизерните минимални плати, да воспостават партиски образовен систем десет пати полош од минатиот век, да ги распределат тендерите по партиски критериуми и да земат „многу поволни кредити“ во милијарди евра. Останува на сила и цврстата определба везден да откриваат непријатели и предавници и јавно да се закануваат на политичките противници со апсења.

Состојбата е стабилна, пациентот во кома

На секој километар патишта што се градат со години  организираат свечени отварања и хвалоспеви како тоа да е нивен голем успех. Нарачуваат од пропагандните фабрики кои работат во три смени убави вести да ја прикажуваат преку своите медиумски слуги „слабата“ опозиција како „голема опасност“. Кога се цензурирани злоупотребите и корупцијата на власта останува само „јунаштвото“ да се верглаат седумте гладни години и „националните предавства“ на СДСМ. Притоа ги прикриваат 11 години на страховлада од ерата на „груевизмот“ со добри изгледи и да ја надминат, донесувајќи ја Македонија до опасност не само од економска катастрофа, која веќе станува неподнослива  со зголемувањето на цените на енергенсите кои пак силно влијаат врз цените на храната што неминовно предизвикува уште поголемо осиромашување на граѓаните во најсиромашната европска држава. 

Во една вакава ситуација на „порка мизерија“ деновиве стаса големата утеха од Советот за безбедност на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Ни приопштија со скудно соопштение ич да не се секираме – ситуацијата во земајата е стабилна. Блискиот Исток е далеку подеднакво колку и Украина па нема потреба од вознемирување на јавноста. Простете, ама ова ми заличи како извештај од здравствениот билтен дека тешко болниот „пациент“ е во стабилна состојба.

Празни пароли како патокази во беспаќе

Вакво дилетантско водење на државата и игнорирање на опасноста што ѝ се заканува на Македонија ако веќе тоа не е и целта досега не е забележано во целата историја на државноста. Повиците за некакво лажно единство наликуваат на празни пароли како патокази во беспаќе. Власта успешно ја спроведува политиката факторот на стабилност на Балканот, како што до неодамна беше нарекувана Македонија да го претворат во фактор на поделби. Како поинаку може да се разбере политиката – светот гори бабата се чешла.

Која визија за иднината на државата сте ја слушнале од премиерот и од претседателот на државата, од владата, или од Собранието. Освен барањето на гаранции кои никој не може да ги даде и од приказните за зачување на гордоста и достоинството кои во бедата и сиромаштијата се изгубија како ланскиот снег. И за големите реформи што не се спроведуваат.

Не е тешко е да се разбере зошто една владејачка гарнитура, која може да ги донесе без поголеми тешкотии и попречувања сите стратешки одлуки легитимно и демократски во Собранието, тоа го одбегнува. Најверојатно тоа им е и намерата. Ним и вака им е добро. Македонија да не биде членка на ЕУ. Доказ за тоа е што компромисите во Македонија успешно се наметнати во јавноста како предавства на националните и државни интереси. На таа лага се добиваат и изборите.

Осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, без чиј глас Македонија немаше да стане членка на НАТО, сѐ уште се сметаат за предавници и се есапат од револуционерната партија како државни непријатели. А, од друга страна на власта полна им е устата со НАТО, како тие да ја завршиле таа историска придобивка која во моментот е единствената надеж дека нема да нѐ удрат последиците од воениот виор што го тресе светот и опасноста од распаѓање на државата. Но затоа тие што ја завршија таа работа се третираат како државни непријатели што е висок влог во предизборните кампањи.

Можат ли премиерот Мицкоски, неговите бројни советници и владата да пресметаат колку чини изгубеното време и колку чинат жртвуваните генерации граѓани на Македонија што уште пред 20 или 15 години Македионија не стана членка на ЕУ под многу поповолни услови од сегашните и уште понеповолни од идните ако продолжи политиката на „лет во место“. Воопшто нека не се мачат со таа математика, Тие загуби не можат да се пресметаат, ниту од економски, ниту од демократски, ниту од безбедносен карактер.