Власта се обидува да го партизира Советот за медиуми
Алијансата за Албанците обвини денес дека власта се обидува да го партизира Советот за медиуми преку именување партиски кадри во ова тело.
„По обидот за преземање на Советот на обвинители, сега партиите од коалицијата ВЛЕН, во соработка со ВМРО, сакаат да го преземат и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни дејности, со двајца целосни партиски кандидати пријавени на конкурсот кои веќе ја поминале матичната комисија и се обидуваат да ги изгласаат и на пленарна седница.
Со прекршување на Законот и условите на конкурсот, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја донесе листата на која се и двете кандидати – Афрона Верзиволи и Нафие Селмани. Првата кандидатка на групата на Арбен Таравари, претходно номинирана за главен ревизор на ИПА фондовите, сопартиец и сопруга на претседателот на огранокот на групата на Таравари во Липково, Адријан Демири. Дури и на местото главен инспектор, каде што беше одбиена поради неисполнување на условите, Верзиволи беше предложена на Владата како партиски кадар.
Другата кандидатка, Нафие Селмани, беше кандидат на Алтернатива за градоначалник на Град Скопје, кандидат за општински советник во Чаир како и на последните парламентарни избори, кандидат на оваа партија на листата за пратеници. Евентуалниот избор на двете кандидатки предложени од владините партнери, како и на некои други членови блиски до ВМРО и други политички партии, значи скандалозна партизација на Советот за медиуми, кој треба да биде независно тело. Слободата на медиумите и новинарите е еден од главните столбови на демократијата што не треба да дозволиме да биде загрозена од теснопартиските интереси на актуелната нелегитимна Влада“, стои во реакцијата на Алијансата за Албанците.
Oва е втор обид на Афрона Верзиволи да се дофати до функција овојпат како кандидат за Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, главно тело за регулација на медиумите во земјава. Законот забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години.
Верзиволи ѝ стана позната на јавноста откако летоска се изјалови обидот да стане главен ревизор за ИПА фондовите во Македонија, затоа што нема соодветен ревизорски сертификат, а Антикорупциската комисија отвори постапка за случајот.