Власта глува на одлуките на Уставниот суд, не ги враќа членовите што ги амнестираа корумпираните функционери

Кривичниот законик и непочитувањето на рокот што Уставниот суд им го даде на народните избраници да ја поправат грешката од пред две години и да ги вратат членовите со кои се амнестираа поранешни, ама се спасија и актуелни функционери, се најде на првото место на листата на коруптивни случаи на „Бистро-Матно“ на „Транспаренси Интернешенал“. Иако беше најавено дека же се вратат поголемите казни за корупција во Кривичниот законик до изборите, тоа не се случи, забележуваат од невладината.
– Судот му даде рок на Собранието да интервенира и да ги смени спорните одредби, односно за 6 месеци да ги врати избришаните казни за корупција, со кои застареа сите предмети на поранешното СЈО, а обвинетите беа амнестирани и граѓаните сега им исплаќаат стотици и стотици илјади евра за адвокатски трошоци. Во случај Владата и Собранието да не го сторат тоа, во Уставниот суд требаше да се направи реферат за укинување или поништување на тие одредби, или на целиот закон за изменување на Кривичниот законик, кој се донесе на трети септември 2023 година. На 12.8.2025 година истече рокот од максимални 6 месеци кој Уставен суд му ги даде на Сoбранието за да ги коригира спорните законски одредби за изменување и дополнување на Кривичниот законик, пишуваат од невладината во последниот Барометар на корупцијата за месец август.
Од Уставниот суд, преку соопштение во врска со рокот што му го дадоа на Собранието поради поведената постапка за оценување на уставноста и законитоста на КЗ, тврдат дека биле во комуникација со собранискиот спикер, Африм Гаши.
–Писмено ќе се обратиме до Собранието за да добиеме официјална информација во врска со определениот рок од 6 месеци и насоките за усогласување на законот, дадени од Уставниот суд. Врз основа на одговорот од Собранието, Судот ќе ги преземе понатамошните чекори за постапување во овој предмет, кусо информираа од Уставен.
Паралелно со постапката во Уставниот суд, како дел од т. н Реформска агенда која предвидува пакет измени во неколку законски решенија поврзани со правосудството, треба до крајот на годината да се донесат измените и во Кривичниот законик. Во интервјуто за „Фокус“, министерот за правда, Игор Филков, најави целокупна реформа во казнената политика вклучувајќи ги и делата поврзани со злоупотреба на службата.
„Не зборуваме само за заострување или олабавување на казни, зборуваме за правна функционалност каде што одговорноста нема да зависи од формулации во законот, туку од реална примена на правдата“, изјави Филков.
Случаите од областа на корупцијата кои „Транспаренси“ ги издвои како „матни“ се најдоа и јавните набавки на општините во висина од 190 милиони евра, а во десетина градови половина од тендерите ги добила една фирма. Потоа во Барометарот на корупција се набројуваат и ревизорските извештаи за Фондот за иновации и пропаднатите пари инвестирани во вештачка интелигенција, понатаму, недомаќинското работење во „Македонски шуми“и запуштање на објектите на спортскиот центар „Борис Трајковски“ како што е Аква паркот. На листата „матни“ настани се најдоа и институциите кои не ги пријавиле службените возила во ДКСК за претстојните локални избори.
Од „бистрите“ случаи, односно откриена корупција, на прво место се најде кривичната пријава против двајца поранешни директори на Македонски пошти поради злоупотреба на преку 32 илјади евра. „Транспаренси интернешанел“ го обележува како позитивен настан во борбата против корупцијата и обвинението против полицајци меѓу кои и инспектори, кои за пари им посредувале престој на Турци, Непалци, Индијци и покрај разузнавачките информации дека не го заслужуваат тоа. (П.А.)