Власта гласаше против контрола на насилниците
Пратениците од парламентарното мнозинство повторно не ги изгласаа измените на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, предложени од Либерално-демократската партија, со кои беше предвидено воведување електронски нараквици за следење на сторителите. Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, од собраниската говорница остро реагираше, оценувајќи дека ваквата одлука претставува директна одговорност за идните случаи на насилство.
„Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита“, изјави Зајкова.
Таа нагласи дека станува збор за предлог кој не е нов и кој веќе еднаш бил одбиен, а последиците, според неа, се сериозни.
„Кога имате можност да спречите насилство, а свесно одбирате да не го направите тоа, станувате соучесници. Соучесници во секој следен напад, во секоја следна жртва“, рече Зајкова, посочувајќи дека институциите повторно избрале „молк, игнорирање и одбивање“.
Таа додаде дека не може повеќе да се прифаќа, како што рече, лицемерие и декларативна грижа за жените, нагласувајќи дека зад статистиките стојат реални човечки животи.
„Жените не се бројки. Жените не се проценти. Жените не се тема за ПР. Жените се животи. И тие животи денес беа игнорирани“, изјави Зајкова.
Според неа, одлуката на мнозинството не е само политичка, туку и морална, додавајќи дека со неа јасно се покажало на која страна стојат носителите на власта.
По неусвојувањето на предлогот со реакција се јави и пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.
„Срамота, парламентарното мнозинство одби закон, предложен од колешката Моника Зајкова со кој се заштитуваат жените. На толку жртви на семејно и родово базирано насилство, мнозинството одлучи да молчи. Барем пратеничките да се одважеа и да гласаа“, напиша Петровска на социјалните мрежи.