Владо Јовановски по две години се врати на театарската сцена
По повеќе од две години пауза, актерот Владо Јовановски преку улогата на Бил во „Бесачи“ се врати на сцената во својот матичен театар МНТ. Интересно е и тоа што на сцената во МНТ како дел од актерската екипа во „Бесачи“ по подолга пауза се враќа и актерката Камка Тоциновски. Таа и Јовановски, кој беше дел од движењето „За заедничка Македонија“, важат за жестоки критичари на актуелната власт.
Во 2017 година претставата во која играше Владо Јовановски, „Папагалот Историко“, беше симната од репертоарот во Драмскиот театар. Тогашниот директор на Драмски, Сашо Тасевски, рече дека била продадена само една карта и затоа ја откажале изведбата. Јовановски, пак, тврдеше дека поради политички причини претставата е откажана.
Јовановски во претставата „Бесачи“ го толкува Бил, кој е редовен гостин во пабот на бесачот Хари (Никола Ристановски). Умилкувачкиот карактер на пијаницата Бил, Јовановски го пренесе одлично со дозиран хумор како што предвидува текстот.
Јовановски ги доби и најгласните аплаузи од публиката, во која присуствуваа и дел од неговите соборци од „За заедничка Македонија“, а меѓу нив и Богдан Илиески познат како Бетмен Велит и оперскиот пејач Игор Дурловски.
Јовановски, заедно со Дурловски и Илиески беа обвинети па амнестирани за случајот „27 април“ и влезот во Собранието.