Владината коалиција брои ситно? Мицкоски со услов до Таравари

Мицкоски сака јасно да слушне дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција за претстојните локални избори


Фото: Б. Грданоски

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека за него е неприфатливо партијата на Арбен Таравари, која е дел од владината коалиција, да соработува со опозициската ДУИ на претстојните локални избори. За, ова, како што рече Мицкоски, тој ќе побара од Таравари јасен одговор на средбата која што треба да се одржи наредните денови, а можеби уште утре. 

Ваквата позиција на премиерот Мицкоски до сега е најјасниот сигнал дека можеби ќе дојде до осипување на владиното мнозинство, односно дека нема да толерира седење на две столици. До сега Мицкоски изјавуваше дека нема „триење“ во владината коалиција, но неговата изјава денеска дадена по положувањето венец на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, навестува понакви ветришта.

Запрашан дали ќе дојде до средба со Таравари на која ќе стане збор за односите во коалицијата и за неговата соработка со ДУИ, за која што обвинуваат од ВЛЕН, Мицксоки одговори дека со Таравари имаат секојдневна редовна комуникација како колеги во Владата, односно како премеиер и како ресорен министер.

„Од тој аспект, потврдувам, на дневна основа комуницираме. А, ако реферирате на средба на која ќе се отвори темата за понатамошно функционирање во рамки на Владата и негова евентуална соработка со опозициската ДУИ на локални избори и тн., таква средба ќе има следнава недела, мислам дека е утре, треба да го погледнам распоредот“, рече Мицкоски.

Како што нагласи, на таа средба јасно сака да слушне став кој што ќе го слушнат и медиумите, дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција, дека во најмалку пет или шест општини каде што ќе извади кандидати, ДУИ нема да извади свои кандидати за градоначалници.

„Тоа, прво значи себепонижување како политичка партија, а второ дека тивко ќе го подржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо“, нагласи Мицкоски.

Во однос на изјавите на лидерот на ДУИ; Али Ахмети дека ќе излезе на улица, особено ако биде обвинет и осуден ексминистерот Крешник Бектеши, кој се уште е во притвор, Мицксоки рече дека го слушнал брифингот на Ахмети и дека извлекол два заклучоци.

„Првиот е да дадам еден совет, а тоа е да гледаме во иднината, а не во минатото. За жал Ахмети се уште живее во минатото. Затоа што ако живее во сегашноста ќе може да направи огромна материјална разлика помеѓу минатото и луѓето од минатото, и сегашноста во која што тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои што на грбот на граѓаните во Македонија се збогатија и тоа е основната причина зошто тој е во опозиција“, изјави Мицкоски.

Тој му порача на Ахмети да направи програмски и кадровски реформи во партијата.

„Мислам дека ако е мудар како што се претставува, ќе извлече поука и наместо да се заканува, ќе направи структурни реформи, и програмски и кадровски, во неговата партија и со нови ликови и со нова програма ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека за неколку месеци од сега ќе се одржат локални избори на кои граѓаните ќе кажат која политичка партија ја заслужува довербата, а која не ја заслужува, и кои градоначалници и советници.

„Врз основа на тие резултати може понатаму да носиме заклучоци дали ќе има предвремени или ќе нема предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

За состојбите во владината коалиција, коментираше и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој одговарајќи на новинарски прашања, рече дека со Таравари не разговарал за соработка на локалните избори.

„И покрај тврдењата дека владината коалиција е стабилна, сметам дека тоа што се случува го покажува спротивното. Кога еден дел од владината коалиција практично се отцепува, тоа е знак дека владината коалиција е нестабилна. Но, да почекаме да видиме како ќе се одвива тој процес, има различни најави, има различни информации, следи очигледно еден многу динамичен период“, рече Филипче, по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев, каде што ја предводеше партиската делегација.