Владата отвори пат за избор на нов градоначалник на Брвеница
Владата донесе одлука за престанок на мандатот на неодамна починатиот градоначалник на
Општина Брвеница, Јовица Илиевски, со што се создаваат законски предуслови за за
распишување нови избори за градоначалник. Владината портпаролка Марија Митева информира дека на денешната седница Владата ја разгледала и усвоила информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа за настапување законски основ за предвремен престанок на мандатот по сила на закон.
„Министерството за локална самоуправа, по претходно добиено известување од претседателот на Советот на Општина Брвеница, ја започна постапката поради настапување на законски предвидена околност што доведува до предвремен престанок на мандатот на градоначалникот по сила на закон.
Согласно Законот за локалната самоуправа, Министерството е должно во рок од 15 дена од приемот на известувањето да ја информира Владата за настапувањето на овој законски основ, по што Владата, во рок од 30 дена, ја започнува постапката за распишување на нови избори за градоначалник“, соопшти Митева.
Градоначалникот на Општина Брвеница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ненадејно почина на 58 години.