Владата негира дека преговара за мигрантите


Портпаролката на Владата, Марија Митева

 

Македонската Влада негира дека води преговори со Велика Британија за прифаќање на мигранти кои се одбиени за азил, а кои во земјава би биле депортирани во „центар за враќање“, според планот за отворање такви центри на Балканот.

Британскиот весник „Тајм“, а потоа и „Дејли мејл“ и другите британски медиуми, денеска објавија дека неуспешните баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Македонија според новиот план за намалување на преминувањата низ Ла Манш. Весникот вели дека Македонија влегла во формални разговори со Велика Британија за да биде домаќин на „центар за враќање“ на мигранти наесен.

„Тајмс“ вели дека според предлогот, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, покрај инвестирањето во земјата и помагањето во нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да побараат азил во Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг на работна сила. Тие нема да бидат притворени и би имале можност да заминат кога сакаат.

Владата вечерва ги негираше овие тврдења на британските медиуми.

„Ваквиот напис е за внатрешно-политичка употреба. Единствената вистина е таа што ја кажа  амбасадорот на Британија во Македонија Метју Лосон во јавна изјава во мај, кога категотично ги отфрли тврдењата дека Македонија ќе прифаќа мигранти“,  изјави портпаролката на Владата Марија Митева.

На 17 мај 2025, на прес-конференцијата на која премиерот Христија Мицкоски го претстави постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен на 16 мај во Тирана, британскиот амбасадор Лосон, одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите во британски и македонски медиуми дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, категорично ги отфрли таквите тврдења.

„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, изјави Лосон.

Лондон и Скопје преговараат за прифаќање мигранти од Британија, јавија британските медиуми