Владата не платила обврски од 900 милиони евра, тврди СДСМ

Од опозициската СДСМ денеска изјавија дека економската ситуација во земјата е алармантна и дека, според портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, повеќе од 11.000 фирми не исплатиле плати, а владата има 900 милиони евра неисплатени обврски.
„Над 11.000 фирми не исплатиле плати, причините се лошите економски политики на власта. Состојбата во економијата и во стопанството е алармантна, драстично е намалена ликвидноста во стопанството, фирмите едноставно немаат средства за исплата на плати и обврски, а владата не им испорачува навремени средства.
Неисплатените обврски од страна на државата се огромни, за поврат на ДДВ и други договорни обврски достигнаа околу 900 милиони евра.
Унгарските пари се уште не стигнаа, ветените средства кои требаше да ја возобноват ликвидноста ги нема. Банките не го поддржуваат стопанството затоа што ја кредитираат државата, нема дополнителна поддршка од финансискиот сектор.
Власта нема јасни цели за развој на економијата – отсуствуваат стратегија и визија, што доведува до разурната економија која се распаѓа пред очите на граѓаните и на фирмите“, рече Кузеска на прес-конференција.
Според неа, животниот стандард на граѓаните од месец во месец постојано се намалува.
„Куповната моќ на граѓаните за една година е намалена за над 20 отсто, на последно место во Европа сме по куповна моќ, a Македонија е на листата на најсиромашни земји.
Потребни се итни мерки за раст на платите, намалување на трошоците за живот и вистинска грижа за стандардот на граѓаните“, рече Кузеска.