Влада: Пари за нова Универзална и за спомен обележје на Тоше Проески
Владата на вчерашната седница ја усвои Програмата за реализацијата на средствата предвидени во буџетот на Министерството за култура за 2019 година за капитални инвестиции во единиците на локалната самоуправа.
Програмата, како што соопшти владината прес-служба, е со буџет од 117,5 милиони денари. Дел од средствата ќе бидат алоцирани во реконструкција на Универзалната сала во Скопје, во изградба на Спомен обележјето на Тоше Проески, во изградба на Дом на култура во Општина Боговиње, во реконструкција и адаптација на културен „Шота“ во село Неготино, Општина Врапчиште, за ентериерно уредување на објектот „Кино Манаки“ – Битола, како и во други капитални проекти во културата во единиците на локалната самоуправа.
Тоше трагично загина во 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Дванаесет години подоцна, државата конечно одвојува финансии за да се уреди вечното почивалиште на Проески, кое е непроменето од 2007 година. За таа намена се издвоени 10 милиони денари.
Универзална сала веќе две години е затворена за посетители, а нејзината изградба предвидено е да почне годинава. Објектот е од исклучително значење за остварување на јавниот интерес во културата и културните потреби на нашите сограѓани и на Скопје како културен центар на државата.
Нашата метропола, поради состојбата во која се наоѓа Универзалната сала, нема соодветен простор за културно-уметнички манифестации меѓу 1.000 и 5.000 илјади луѓе. Во моментов нашите национални установи од културата во Скопје, филхармонијата, операта, Македонскиот народен театар и другите театри излегуваат во пресрет за да се надомести овој недостиг, но тоа создава дополнителни предизвици во нивната редовна дејност“.
Во претходна изјава на градоначалникот на Скопје- Петре Шилегов, реконструкцијата на Универзална сала како симбол на солидарноста во изминатите години беше само предмет на манипулација од претходната власт.
„Предизборно беа изработувани и презентирани во јавноста многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Ниту претходната локална, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала. Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години нанзад Универзална сала пропаѓа“,изјави тогаш Шилегов.
Изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и пристапност. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани со дополнителни содржини за други културни манифестации.
Универзална веќе има долг од 200.000 евра за проект кој е нарачан, а не се знае од кого и нема средства за негово плаќање. Според Шилегов, ќе се најде најоптималното решение.