Владата ќе смени закон за да се вработуваат деца
Бизнис-заедницата бара забрзување на дуалното образование со кое учениците уште во текот на средното образование ќе се обучуваат во компании. На тој начин ќе се произведат кадри според потребите на компаниите, како и идни работници, а за праксата учениците треба да добиваат надомест. Според бизнисмените, потребна е промена на низа закони, како и да се намали бројот на факултети, а да се зголеми бројот на средни стручни училишта во земјава.
Реалната слика е дека токму стручните средни училишта се празнат, а компаниите се соочуваат со недостиг на квалификувана работна сила. Затоа јазот што постои сега меѓу кадарот на располагање и побарувачката од стопанствениците треба да се усогласи, а свеста кај младите и нивните родители да се промени. Младите според бизнис-заедницата ќе останат тука и ќе се запишуваат во средните стручни училишта ако компаниите ги зголемат платите и ако понудат подобра варијанта.
„Ако ние одиме со некаков раст на БДП во наредниот период, што е цел без која не би можеле, треба да се обединиме сите. Тоа значи дека треба да се подготвиме за состојба кога развојот на бизнисите и странските инвестиции ќе предизвикаат потреба од кадар и тој ќе мора да се создаде. Мислам дека политиката на форсирање на високото образование во изминативе 10 години треба да остане зад нас. Ако компаниите ги зголемат платите и ако понудат подобра варијанта, младите ќе останат тука и ќе се запишат во средните стручни училишта. Ако ме прашувате мене лично, јас ќе бидам најсреќен ако платите бидат трипати повисоки. Јас би ризикувал во овој процес, затоа што мислам дека иднината е тука. Ние видовме дека со услугите и со она што го имаме овие 30 години не можеме да постигнеме повисок раст од два-три отсто, а тоа е недоволно за какво било иднина на државата. Така што потребно е обединување за подигање на БДП на шест или седум отсто кој ќе овозможи решавање на ова прашање“, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
Ќе успее ли земјава да се приближи до европските практики и колку компаниите се подготвени активно да се вклучат во процесот и да придонесат кон заживување на дуалното образование? Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека се земаат искуствата од развиените земји, како Австрија, Германија, Швајцарија, кои ќе се приспособат во модел соодветен на нашите услови и потреби. Образованието, рече тој, не е само едукативна категорија туку е важно и за развој на економијата.
„Учениците ќе бидат вработени во компании уште додека се школуваат. Ќе имаат одредени денови во седмицата кога во средните стручни училишта ќе следат теоретска настава, а во останатите денови практично ќе се едуцираат во компаниите. За разлика од развиените земји, каде што во дуалното образование се вклучени цели паралелки, во нашиот приспособен модел паралелките ќе бидат мешани. Во секој град точно ќе се детектира какви се потребите на секоја компанија. Во Прилеп има десетина компании кои покажале интерес да ангажираат ученици преку дуално образование. Притоа, ќе треба да се изменат законите за да тие можат да бидат вработени на таа возраст, согласно на праксите во светот, а воедно ќе треба да се одреди ментор од редот на стручните лица во компанијата. Ученикот ќе учи и ќе работи во исто време и во периодот на учењето ќе добива плата што законски ќе биде регулирана, а ќе биде здравствено и пензиско осигурен. Имаме конкретен план, точно знаеме каков модел треба да биде тој и се надевам дека од следната учебна година тој модел ќе почне да функционира“, рече Анѓушев.
Дуалното образование како пилот-проект се применува во пет средни стручни училишта во земјава, и тоа во Скопје, Кавадарци, Прилеп, Велес и Охрид, а опфатени се околу 200 ученици. Идејата на Владата е оваа реформа, која се применува од 2017 година, да стане системски и составен дел од средното стручно образование. Министерот за образование и наука Арбер Адеми вели дека следната учебна година со проектот ќе бидат опфатени речиси 300 ученици. Се надева дека средните стручни училишта ќе станат привлечни за полуматурантите.
„Направивме многу промени за модернизацијата на средното стручно образование. Овој кадар е дефицитарен во нашето општество. Спроведуваме кампања за да се отстрани митот дека нема работа со средно стручно. Според податоците од Агенцијата за вработување, 58 отсто од новите планирани работни места се наменети токму за лица со средно образование. Направени се нови наставни програми, практичната настава е двојно зголемена во однос на минатото, а се формираат и реални училишни компании со доделување грантови“, посочи Адеми.
Покрај овој концепт за задоволување на понудата и побарувачката се интервенира и со преквалификации и доквалификации, во соработка со бизнис-секторот, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Станува збор за невработените лица кои преку преквалификации се обучуваат за да бидат вработени. Министерството преку Агенцијата за вработување во соработка со Владата подготви оперативниот план за вработување, преку кој се насочуваат младите кон потребите на бизнис секторот. Се разговара мерките и локално да бидат креирани за да се поврзат граѓаните со стопанството.
„Дополнително, сметам дека младинската гаранција дава можност директно по излегувањето од образованието на секое младо лице Агенцијата за вработување да го поддржи кон остварување на правото на вработување. Само минатата година повеќе од 1.200 млади се вработија преку Агенцијата за вработување“, рече Царовска.
Вероника Мароска-Леова