Владата ќе обезбеди гориво за ЈСП за следните седум дена

Со ова се овозможува да се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата


Фото: Б. Грданоски

 

Владата ќе ги отвори стоковите резерви и ќе достави гориво за автобусите на ЈСП да можат редовно да сообраќаат низ главниот град, одлучено е на денешната вонредна владина седница. 

ЈСП во следниот период ќе треба да направи тендер, со кој ќе обезбеди редовна набавка на гориво за своите автобуси. 

Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие.

Владата се вклучи во решавање на овој проблем, при што се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба.

Со ова се овозможува да се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.

Денес Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје.

Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај, соопштуваат од Владата.

За веќе закажаната седница на Советот на град Скопје, попладнево од 18 часот, дел од советниците велат дека нејзиното одржување е беспредметно, но со оглед дека веќе е закажана, ќе ја искористат за изнаоѓање на одржливи решенија за проблемот со јавниот градски превоз во Скопје.

Од утринава, граѓаните сами се организираа да стигнат на работа, на училиште, на лекар, па застануваа по автобуските постојки и собираа граѓани кои одеа во ист правец со нив. 

Инаку, денеска, во сообраќај во главниот град пуштени се околу 30-ина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаат резерви на нафта, потврди  директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски.
 
Претседателот на Синдикатот на возачи при Сојузот на синдикати, Миќо Стојановски денеска рече дека состојбата со нафтата е проблем што трае веќе подолг период. Според Стојановски, за колапсот во ЈСП и во другите јавни претпријатија во градот придонело и несогласувањето меѓу претседавачот на Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
 
„Бирото за јавни набавки ја суспендирало постапката за набавка на нафта од ‘Пуцко петрол’. Факт е дека ЈСП му должи доста пари на ‘Пуцко петрол’, факт е дека Владата односно Министерството за образование му должи многу пари на ЈСП и кога би се пребиле тие средства, ние ќе бидеме чисти како фирма. Гориво нема, возат само автобусите на метан, околу 25-30 и уште по некој автобус на кој му останало нафта. Друг проблем што нас нѐ тишти е тоа што поголем број скопјани го гледаат ЈСП како виновник за овие состојби. Како репрезентативен синдикат сакам да им кажам дека ЈСП е секогаш на нивна страна и правиме обиди да имаат превоз. Голем проблем за граѓаните и за ЈСП е и егото во Советот на Град Скопје, односно претседавачот Трајко Славески со мнозинската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска доведоа до оваа тотална штета не само на ЈСП, туку и на другите јавни претпријатија. И ‘Комунална хигиена’ нема гориво за нејзините возила за собирање на сметот низ градот“, вели Стојановски.  
 

Тој вели дека и приватните превозници треба да се вратат на улиците бидејќи нивното барање за 120 денари за изминат километар е нереално затоа што имаат договор со Градот Скопје што важи до мај 2025 година. 

„Кога штрајкуваат по градските улици се договорија со градоначалничката на Град Скопје и добија цена од 79 денари за поминат километар. Таа одлука им важи до март 2025 година. Како не им е срам да не возат по улиците на град Скопје, а и кога возеа, кога ќе видоа дека има многу народ, продолжуваа да возат некачувајќи ги патниците затоа што и да не качат патници, знаеја дека 79 денари за поминат километар им се загарантирани“, изјави Стојановски.