Владата ја усвои Информацијата за креирање на Националната развојна стратегија 2022-2042


Владата на Република Северна Македонија на денешната 22 седница ја разгледа и усвои „Информацијата за креирање на Националната развојна стратегија 2022-2042“ и ја усвои и „Методолошката рамка на Националната развојна стратегија 2022-2042” предложена во првата фаза на проектот.
Националната развојна стратегија 2022-2042, велат од Владата, има за цел да обезбеди долгорочна визија и патоказ за економскиот, социјалниот, културниот и еколошкиот развој на Република Северна Македонија.
-Националната развојна стратегија ќе се креира преку широк инклузивен процес во кој ќе бидат консултирани сите засегнати страни во државата, вклучувајќи ги директно и граѓаните, со цел конечниот документ за визијата и иднината на Република Северна Македонија да биде консензуален и натпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен. Примарен фокус на Националната развојна стратегија е отворање можности, но и создавање капацитети и отпорност на општеството за справување со зголемената несигурност и ризици во светски рамки, како и за справување со глобалните трендови како што се климатските промени и дигиталната трансформација, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Процесот на создавање на Националната развојна стратегија (НРС) 2022-2042 започна во јануари 2021 година, со дизајнирање на методолошка рамка која го утврди начинот на подготвување нa стратегијата, нејзината имплементација, како и механизмите за следење на успешноста на спроведувањето. Втората фаза на проектот ќе се фокусира на самата изработка на Стратегијата и на операционализација на моделите за нејзино спроведување.
Владата ги задолжила замениците на претседателот на Владата и министерот за финансии да го координираат процесот за подготовка на Националната развојна стратегија 2022-2042 во рамки на втората фаза на проектот и на секои 6 месеци, а по потреба и почесто, да ја известуваат Владата на Република Северна Македонија за напредокот на проектот.