Владата го толкува премиерот околу неговата изјава за „обвинителките кои имаат добиено“

Премиерот „во ниедна состојба немал намера за навреда“, тврди порпаролката Марија Митева


Марија Митева

 

Портпаролката на владата, Марија Митева, денеска се обидуваше да најде разумно образложение на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека „нема да толерира обвинителки кои имаат добиено кога треба да апсат“. Таа на прес-конференција рече дека „во ниедна состојба немал намера за навреда“. На каква „ниедна состојба“ мислеше Митева не појасни, а беше прашана како се чувствува како жена по изјавата на премиерот.

Буквалниот одговор на Митева е овој. Малку е нејасен и конфузен, но тоа е елаборацијата на портпаролката:

„Јас можам да кажам дека во рамки на она што се случува во Судскиот совет и во правосудството во целина можеме да видиме дека состојбите коишто ги има таму и коишто треба да се случуваат во рамки на поднесени кривични постапки се случуваат состојби коишто навистина се несвојствени. Познавајќи го начинот на комуникација на премиерот можам да ви кажам дека во ниедна состојба немал намера за навреда по однос на ликот и делото на која било жена што се занимава со општествена работа или, пак, е дел од политиката или жена во целост“.

И на прашањето како владата ја толкува вчерашната изјава на Мицкоски дека робусно ќе им влезе на обвинителите и судиите и дали тоа претставува еден вид закана, Митева повторно нејасно и конфузно влезе во расправа со новинарот, па дури и му кажа дека жали што „имате такво размислување“.

Еве го буквалниот одговор на Митева и на ова прашање:

„Кој го кажува овој став дека е притисок, јас не можам да се согласам со тоа. Многу ми е драго што имате од спротивната страна правник со којшто разговарате, така што можеме да ги вкрстиме правните аргументи и да ви кажам дека тоа е ваш личен став и не станува збор за притисок. Многу ми е жал што не можете можеби да видите дека кога имате два проценти доверба во правосудството во целина, кога граѓаните ви велат дека правосудството е навистина девастирано, партизирано да се согласите дека станува збор за притисок кога некој сака да ги промени работите. Жалам што имате такво размислување“.