Владата го предлага Ненад Савески за нов државен обвинител
Повеќе медиуми наведуваат дека Владата на денешната седница го усвоила предлогот судијата Ненад Савески да биде нов државен јавен обвинител. Савески е поранешен обвинител, а сега во Кривичниот суд ги суди случаите од организиран криминал и корупција. Официјално соопштение за предлогот на Владата сѐ уште нема.
Предлогот на Владата сега ќе оди во Собранието, каде за избор на Савески треба да гласаат најмалку 61 пратеници.
За оваа позиција се пријавија пет кандидати, а Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење за четворица од нив: Анита Тополова-Исајловска (сегашна вршителка на должност), Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески.
Ненад Савески ќе дојде на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември минатата година.