Владата ги објави фирмите што ја злоупотребиле помошта за плати, УЈП демантира дека се 10 милиони евра


Владата денес ја објави листата фирми кои примиле државна помош за исплата на плати во износ од 14.500 денари по вработен, а таа не им била исплатена на работниците.

По жестоките реакции во јавноста откако беше обелоденет овој скандал, сега списокот на фирми што не ја почитувале владината Уредба и ги злоупотребиле буџетските пари е достапен на следниов ЛИНК.

 

Во списокот има фирми од разни градови, доминираат оние од Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, но има и од Велес, Охрид, Битола, Гевгелија…

Kарактеристично е што сепак, меѓу нив нема звучни компании кои се познати во пошироката јаввност.

Во меѓувреме регираше и Управата за јавни приходи од каде што негираат дека износот на злоупотребените средства е 10 милиони евра.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и Управата за јавни приходи ги демантираат написите на одредени медиуми во кој е наведено дека „Околу 10 милиони евра украле газдите од државната помош за исплата на минималец“, се вели во реакцијата.

Управата за јавни приходи, на Прес конференција за медиуми одржана во вторник, 28.07.2020, објави дека вкупно 281 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец април 2020 во износ од 9.995.565 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени, односно за месец мај вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари.

Управата за јавни приходи податоците за обврзниците кои не исплатиле плата, а примиле финансиска поддршка, ги доставува до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, односно и двете институции располагаат со исти податоци и иста сума на исплатена финансиска поддршка кон овие компании“, се вели во реакцијата од УЈП.