Владата донесе одлука да се набави лекот Nusinersen (Spinraza), за пациентите со спинална мускулна атрофија


Владата на денешната седница ја усвои информацијата за потребата од набавка на лекот Nusinersen (Spinraza), за пациентите со спинална мускулна атрофија (СМА).  Министерството за финансии  се задолжува да обезбеди дополнителни 147 милиони и 600 илјади денари во Буџетот на Министерството за здравство за 2019 година. По обезбедувањето на финансиските средства од Министерството за финансии, се задолжува Министерството за здравство да спроведе постапка за доделување договор за јавна набавка за лекот Nusinersen (Spinraza).

„Со воведувањето на новиот лек како прва генска терапија во нашата држава во третманот на пациентите со спинална мускулна атрофија, се добива можност за интервенирање и промена на текот на болеста со одржување и подобрување на моторната функција, а со тоа подобар квалитет на живот и продолжување на животниот век. Во Северна Македонија се регистрирани 7 пациенти во детска возраст (до 18 години) и тоа СМА тип 2 и 3. Овој лек, во земјите во ЕУ се применува од 2017 година, а во повеќето балкански земји е во редовна примена од почетокот на 2018 година“, посочуваат од Министерството.

На седницата Владата  ја усвои предлог програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар, согласно мрежата на здравствените установи (2019-2022) и одобрени се вкупно 931 специјализација. За 2019 година одобрени се 346 специјализации, од кои 22 специјализации се преземања од приватна специјализација, согласно член 150-а од Законот за здравствената заштита, насловен „Можност за продолжување на специјализација, односно супспецијализација на товар на јавна здравствена установа“ и 324 се нови специјализации.

„Според ставот (2) од член 148 од Законот за здравствената заштита, јавните здравствени установи за спроведување на програмата се должни да обезбедат финансиски средства во висина потребна за спроведување на специјализациите, односно супспецијализациите. Овие средства ЈЗУ ќе ги уплаќа сукцесивно, по семестри, во тек на целото времетраење на специјализацијата и супспецијализацијата“, велат од Министерството за здравство.

Владата го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите, кој ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

„Целта со овој закон е да се обезбеди и промовира целосно остварување на човековите права и основни слободи на сите лица без каква било дискриминација, вклучително и врз основа на попреченост и родовиот идентитет и пол. Забрана за дискриминација во обезбедувањето на правата на пациентите содржани во законот, унапредување и заштита на правата на пациентите со нивно активно вклучување во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините во државата“, додаваат од здравство.