Вкупниот светски долг надмина 300 билиони долари


 

Вредноста на вкупниот светски долг беше нешто повеќе од 300 билиони американски долари (300 илјади милијарди) на крајот на минатата година, додека во првата половина од оваа година долгот се зголеми за уште 10 билиони, покажуваат податоците на меѓународните финансиски организации.

И покрај зголемениот глобален економски раст, по стагнацијата за време на пандемијата, глобалниот јавен долг остана на многу високо ниво.

Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, Кина одигра значајна улога во порастот на глобалниот долг во последните децении, бидејќи зголемувањето на нејзиното задолжување значително ги надмина приходите.

Вкупниот долг на оваа, втора по големина економска сила во светот, изнесува нешто повеќе од 47 билиони долари, што претставува 77 отсто од нејзиниот вкупен годишен бруто приход.

Забележано е дека Кина сочинува 28 проценти од вкупниот нефинансиски долг во светот, односно долгот што го направиле домаќинствата и нефинансиските организации.

Фискалниот дефицит на земјите ширум светот забележа натамошен раст поради зголемувањето на државните трошоци што не беше придружено со соодветно зголемување на приходите.

Растот на задолжувањето го продолжи својот нагорен тренд пред се поради големите инвестиции во стимулирање на економскиот раст и намалување на негативните последици од скокот на цените на храната и енергијата на светскиот пазар и по завршувањето на пандемијата и заживувањето на светската економија.

Приватниот долг, кој ги вклучува долговите на домаќинствата, како и долговите на приватните нефинансиски организации, се намали за неколку проценти во периодот на пандемијата, но тоа не влијаеше значително на промената на износот на вкупниот глобален долг, кој од средината на 70-тите до денес е речиси тројно поголем.

Поради скокот на каматните стапки во последните години, што претставува најголем скок на цената на парите во последните четири децении, значително се зголемија и финансиските грижи на земјите во развој, чиј вкупен долг се проценува на околу 10 трилиони долари.

Во текот на минатата година, според податоците на Светска банка, овие земји потрошиле 443 милијарди долари само за одржување на долгот, односно за отплата на главнината и каматата, што е зголемување од пет проценти во однос на трошоците за долгот во 2021 година, пренесува Capital.ba.

Ваквите зголемени расходи го отежнаа вложувањето на многу потребните инвестиции во областите на здравството, образованието и заштитата на животната средина во земјите во развој. Пред се, благодарение на економските и политичките неизвесности со кои се соочува светот, Светска банка проценува дека 24-те најсиромашни земји во светот годинава и следната година ќе платат речиси 40 отсто повеќе за одржување на долгот од лани.

Неповолните финансиски случувања ја зголемија ранливоста на земјите во развој, од кои во последните три години дури десет не можеа да ги платат должничките обврски, што е повеќе од вкупниот број на суспендирани плаќања од сиромашните земји од почетокот на век.

За жал, според проценките на економските експерти, глобалниот раст во 2024 година ќе забави за 0,3 отсто во однос на оваа година и ќе изнесува скромни 2,6 отсто. Се верува дека нема да има глобална рецесија, но нема да се подобрат условите за враќање и сервисирање на долговите, а глобалната задолженост ќе продолжи со својот тврдоглав раст.