Високото образование во низок старт
Професори на власт, вие што титулата проф. д-р на официјални конференции ја испишувате со поголеми букви од функцијата која ја имате на власт, запрете! Преправете го законот од почеток!
Студентите ни заминуваат во други држави, нашите универзитети никако да се најдат на Шангајската листа, професорите ни стареат, се пензионираат и не се заменуваат, по завршувањето на студиите ретко кои млади луѓе се подготвени за реална работа, без пракса, без искуство…
Неспорно е дека за да се надминат овие проблеми во високото образование потребни се реформи, но дали треба да се усложни патот до диплома, да се постават „невозможни“ правила за напредување во академска кариера или ќе ги одвратиме и оние кои би сакале да станат професори, како што веќе ги избркавме студентите?
На чело на Министерството за образование и наука имаме професорка, на чело на Владата е професор, па по завршувањето на државните функции, тие можеби ќе се вратат на своите катедри, но под кои услови? Ако овие сега политички кадри не се кадри да ја направат најдобрата реформа во високото образование, тогаш кој е?
Тие двајцата исполнуваат услови предвидени со новиот нацрт-закон да бидат професори (за нив секако нема да важи). Но, која е намерата да се озаконат новите услови за станување доктор на науки, асистент, доцент, професор, покрај наративот дека професорите мора да се окуражат и да бидат попродуктивни, односно да објавуваат повеќе научни трудови, кои пак ќе треба и да бидат цитирани од други научници во истото поле, за да се зголеми индексот, да се покачат бројките, па и нашите универзитети некако да се искачат на Шангајската листа.
Професори предупредуваат дека самото објавување на текст во реномирани научни списанија е скапо, а патот до нив уште поскап. МОН ја зголеми сумата пари кои ќе се даваат во научни цели, а дали е доволно за поголема продуктивност на професорите, на оние кои сакаат да истражуваат, да спроведуваат експерименти, да творат и да преиспитуваат, ќе покаже времето. На кус рок, тоа ќе треба да го прават сегашните професори (оние кои не се опфатени со новите законски услови), а на долг оние кои ќе се осмелат да влезат во полето на професурата (ќе има ли такви?).
Се поставува и прашањето зошто министерката на образование не сака да го повлече нацрт-законот поставен на ЕНЕР, каде предлози за измени може да поднесе секој, кога некои професори кои велат дека со амандмани (кои како по правило доаѓаат од опозицијата и никогаш не се вметнуваат), нема да може квалитетно да се интервенира во законот.
Поовлекувањето би значело повторно пишување, поправање, додавање и одземање на прописи, по сугестии од сите оние кои го видоа. Сега се организираат и некои јавни дебати на универзитетите, од кои можеби ќе произлезе и некоја промена, но кој ќе се осмели да оди против волјата на министерката, која пак е убедена дека „законот е… за добробит на сите“. За неа, реакциите на студентите и наставно-научниот кадар се „генерализирање“, иако забелешките се многу детални: менување на тела и процедури, атак врз автономијата на универзитетите, студентите ќе треба да напредуваат под менторство на професор кој е со пониско звање, укинување насоки и насочување на студенетите дури по втората година од студиите…
Се забалежува дека зборовите Влада, министер, министерство во законот распослан на повеќе од 100 страни се споменуваат од триесет до педесет пати, а вештачка интелигенција, еднаш или ниеднаш… Каде замина дигитализацијата и воведувањето на вештачката интелигенција? Остана во основно?
Тврдењето на министерката дека на овој нацрт-закон работеле над шеесет професори и не е некое оправдување, ако се погледнат реакциите на останатите нивни колеги, кои не учествувале во него.
Со новиот нацрт-закон изгледа дека сегашните власти нашле остар начин да ги испозатворат факултетите кои како печурки по дожд никнуваа под, исто така, нивна власт пред повеќе од една деценија, во секој град, за сега на професорите на власт да им текне дека тоа не е добро. Се накотија дипломирани, а дипломата сѐ потенка. Услугите под секакво ниво. Но, нема ли тоа да ја чини државата повеќе, ако истите тие факултети, акредитирани од државата по сегашните законски норми, решат да тужат, затоа што ќе го доживеат законот како атак врз себеси. Настрана голготата на студентите кои принудно ќе мора да менуваат факултет, односно да продолжат со своето образование во друга установа, веројатно и под други услови.
Нацрт-законот се заканува и да го одземе правото на доживотно учење со промена на насоката. Едноставно, тоа што си одбрал додека си бил „зелен“, ќе те обележи до крајот на животот! А докторските студии ќе бидат привилегија место предизвик.
Оправдана е и забелешката на опозицијата дека забраната за вонредни студии, додуша само за медицина и педагошка професија, затоа што ако некој е способен овие две макотрпни студии и професии да ги учи вонредно (тоа значи паралелно да работи или да студира редовно на друг факултет), не само што треба не треба да се забранат, туку тие поединци треба од почеток, откако се окуражиле да бидат прифатени и поддржани од сите надлежни институции, затоа што тука лежи развојот, треба да им олесниме за да не изгорат попатно.
Затоа, професори на власт, вие што титулата проф. д-р на официјални конференции ја испишувате со поголеми букви од функцијата која ја имате на власт, запрете! Преправете го законот од почеток. Препишете го ако сакате, ете од Словенија, која во моментот најмногу „ни ги зема“ студентите, па да се движиме на европски пат.
Сегашниот нацрт-закон е низок старт, а во спортот тој служи за куси патеки!