Високата инфлација ја загрозува светската економија
Светската економија можеби е на работ на нова инфлаторна ера со постојано висока инфлација на потрошувачките цени поради слабеењето на глобализацијата, изјави Агустин Карстенс, шеф на Банката за меѓународни порамнувања (Bank for International Settlements) во Базел, Швајцарија. BIS неформално се смета за „централна банка на сите централни банки“. BIS работи само со централни банки и финансиски институции.
Карстенс предупреди дека постои голем ризик од неконтролиран раст на цените, доколку нема нагло зголемување на каматните стапки на централните банки, над постоечките планови, пренесува Гардијан. Тој рече дека ќе бидат потребни повисоки трошоци за задолжување во текот на неколку години за да се избегне ризикот од спирален пораст на цените што ќе предизвика долгорочна штета на економиите на индустријализираниот свет.
Многу економски експерти ги опишаа неговите коментари како контроверзни, велејќи дека високата инфлација најверојатно ќе ја задуши потрошувачката и економскиот раст. Предлагаат да се намали итноста од зголемување на каматите. Податоците покажуваат дека годишната инфлација е околу 10 отсто во неколку земји, главно како резултат на растот на цените на гасот и нафтата поради војна која што беснее во Украина. Инфлацијата во Германија во март достигна 7,3 отсто, а во Шпанија 9,8 отсто. Инфлацијата во Велика Британија во февруари беше 6,2 отсто.
Според очекувањата на инвеститорите од Сити, Банката на Англија е на пат следната година да ја подигне основната каматна стапка на два отсто, наспроти сегашните 0,75 отсто. Британската централна банка почна да ги зголемува стапките од 0,1 отсто во декември минатата година. ФЕД минатиот месец одобри зголемување од 0,25 отсто во САД, во првата интервенција од декември и со навестување дека ќе следи ново зголемување на каматната стапка.
Карстенс оцени дека трендот на производителите е да ги скратат обемните глобални синџири на снабдување како одговор на трговската војна меѓу САД и Кина, пандемијата и санкциите против Русија. Според него, тоа значи зголемување на производствените трошоци на долг рок во однос на предвидувањата од централните банки и независните економисти. Она што започнува како привремено може да се вкорени, а однесувањето се приспособува на времетраењето на инфлацијата, објасни Карстенс, додавајќи дека постои ризик високата инфлација да се зацврсти во јавната свест.