Посебен сообраќаен режим во Скопје поради најавените митинзи на партиите
Посебен сообраќаен режим во Скопје ќе биде воведен викендов поради најавените настани на политичките партии.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поради утрешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата од денеска од 19 часот до утре до полноќ ќе биде затворен дел од булеварот „Илинден“ на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.
Во недела поради маршот организиран од СДСМ закажан за 12:30 часот ќе бидат затворени улиците по кои што ќе се одвива настанот и тоа од соборниот храм „Свети Климент Охридски“, по булеварот „Партизански одреди“, десно по улицата „Васил Главинов“, па лево по улицата „Димитрие Чуповски“, право до крстосницата меѓу улицата „11-ти Октомври“ и булеварот„Кочо Рацин“. Потоа, од пред МТВ и МАНУ право по булеварот „Крсте Петков Мисирков“, право по булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „11-ти Октомври“, како и од пред Транспортен центар право по булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, лево по булеварот„Кочо Рацин“ до крстосница со улицата„11-ти Октомври“. Ќе биде затворена и делницата од Тутунскиот комбинат право по улицата „11-ти Октомври“ до крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“, како и од крстосницата меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Беласица“ право по булеварот „Кочо Рацин“, десно по улицата „Свети Кирил и Методиј“ до седиштето на ЕУ, каде што во 14 часот ќе се одржи митинг.
Покрај ова, од утре од 14 часот до задутре до 24 часот ќе биде затворена за сообраќај улицата „Свети Кирил и Методиј“ и тоа на потегот од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.