Виенскиот институт прогнозира раст на македонската економија од само 1,6 отсто
Македонската економија годинава може да очекува раст од само 1,6 отсто што меѓу земјите од Западен Балкан е подобро само од Србија, за која се предвидува раст од 1,5 отсто, покажува најновата есенска прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии објавена вчера. Нешто подобра е прогнозата за Босна и Херцеговина, 1,7 отсто, додека другите три земји од Западен Балкан се очекува да имаат значително повисоки стапки на раст. Најдобра во овој поглед е Црна Гора за која се прогнозира раст на БДП од 4,5 отсто годинава, Албанија 3,5 отсто и Косово 3,2 отсто.
За наредната година растот на македонскиот БДП се очекува да изнесува 2 отсто а во 2025 година да се искачи на 2,5 отсто.
„Како што се очекуваше, економијата забави во вториот квартал, како резултат на високата инфлација, рестриктивната монетарна политика и ограничените странски директни инвестиции. Водена од профитот на компаниите, инфлацијата остана многу висока: владата ја врати контролата на цените на прехранбените производи во обид да ја скроти (иако не веруваме дека ефектите ќе траат долго). Прогнозата за БДП за 2023 година е непроменета на 1,6 отсто, но нашата прогноза за 2024 година е ревидирана надолу на 2 отсто, поради пооблачните изгледи за економијата на ЕУ“, се вели во резимето во извештајот за нашата земја.
Според таа прогноза, економскиот раст во шесте земји од Западен Балкан ќе биде малку подобар во 2023 година и во просек од 2,1 отсто.
Нешто поголем раст на регионалниот просек се очекува во Хрватска и Романија, членки на Европската унија – по 2,5 отсто.
Овие две членки на ЕУ, според аналитичарите, за растот можат делумно да им се заблагодарат на парите од фондот Следна генерација на ЕУ, кој треба да ги санира последиците од пандемијата на коронавирусот.
Во Турција предвидениот раст ќе биде 3,2 отсто.
И во однос на инфлацијата, прогнозите за нашата земја исто така не се розови. Како што покажуваат потоците од есенската прогноза, годианва инфлацијата во Македонија ќе изнесува 10 отсто што е подобро исто така само од Србија која годинава се очекува да ја заврши со инфлација од 12,5 отсто, додека пониска ќе биде во Црна Гора (9,1 отсто), БиХ 7,5 отсто, Косово 5,5 отсто и најниска ќе биде во Албанија, 4,6 отсто.
Економиите на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, и покрај досегашниот отпор на предизвиците донесени од војната во Украина, се наоѓаат под притисок, додека изгледите за економски раст во Југоисточна Европа се нешто подобри, според есенската прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

„Рецесијата во Германија, влошувањето на меѓународното опкружување, континуирано висока инфлација, построгата монетарна политика и недоволните мерки на фискалната политика го оптоваруваат економскиот раст“, вели Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт и главен автор на есенската прогноза.
За сите 23 земји од тој поширок европски регион, економскиот раст во 2023 година ќе биде 0,6 отсто, со што е сличен на растот во земјите од еврозоната од 0,5 отсто.
Се оценува дека земјите од Југоисточна Европа можат да донесат позитивна динамика и на австриската економија.
„И покрај тешката ситуација, блиските економски врски на Австрија со тие земји го поддржуваат нејзиниот економски раст и ја ублажуваат моменталната економска слабост“, рече Јовановиќ.

Во соопштението Виенскиот институт посочува дека „има светлина на крајот од тунелот во 2024 година за членките на ЕУ во регионот.
Институтот прогнозира дека следната година тие ќе забележат раст од 2,5% во просек, бидејќи растот полека расте, поддржан од фондовите NextGenerationEU. Сепак, остануваат значителни негативни ризици.
„Поостриот пад во еврозоната, тврдоглаво високите стапки на инфлација, воената ескалација во Украина или засилената трговска војна меѓу ЕУ и Кина може да го загрозат закрепнувањето следната година“, предупредува Јовановиќ. Така, на среден рок, постои и можност за сценарио за стагфлација, каде што регионот едвај воопшто би растел, а во исто време би страдал од висока инфлација.
И покрај тоа што инфлацијата го помина својот врв во практично сите набљудувани земји, таа веројатно ќе остане висока во догледна иднина.
Главниот двигател на инфлацијата е зголемувањето на цените на храната, кои создаваат сè поголеми социјални проблеми.
Сепак, базичната инфлација (со исклучок на храната и енергијата) сега ја надминува вкупната инфлација во повеќето земји од регионот. Додека корпоративниот профит е на историски високо ниво, реалните плати исто така се зголемуваат за прв пат по некое време.
Доколку компаниите одговорат на ова со понатамошни поскапувања, тоа би можело да доведе до зајакнување на инфлацијата.