Виенскиот институт ја влоши прогнозата: Македонија со пад на БДП од 5 отсто

Во најновата анализа се предвидува дека по падот оваа година, во 2021 македонската економија ќе забележи раст од 4 отсто

Економскиот пад предизвикан од корона вирусот во сите 23 земји во Источна Европа ќе биде полош од оној во 2009 година, како резултат на светската финансиска криза

Мирче Јовановски

Виенскиот институт за меѓународни економски студии во најновата прогноза објавена во четвртокот, предвидува пад на македонскиот домашен бруто производ за 5 отсто оваа година. Во претходната проекција од февруари годинава предвидуваше пад од 1,7 отсто. Најновите прогнози на Виенскиот институт се досега најнеповолни проекции за македонскиот БДП. До сега најголеми песимисти беа од ММФ, кои пргнозираат пад на БДП од 4 отсто, додека другите, на Светска банка, Министерството за финансии и на Народната банка се значително под четири отсто.

Виенскиот економски институт кој е специјализиран за регионот на Југоисточна Европа, во најновата анализа предвидува исто така дека по падот оваа година, во 2021 македонската економија ќе забележи раст од 4 отсто.

Слични, понеповолни се и проекциите за другите макроекономски показатели. Според Виенскиот институт, годинава не очекува и дефлација, односно пад на цените за еден отсто (пораст од 0,4 отсто во 2021 година), зголемување на стапката на невработеност на 21 отсто (19 отсто наредната година) и дефицит на тековната сметка од 2,5 отсто оваа година и 1,5 отсто во наредната. Кај невработеноста, иако за идната 2021 година се предвидува нејзино намалување на 19 отсто, што значи дека заживувањето на економијата ќе придонесе да се намали негативниот ефект од годинава, сепак, предвидената стапка од 19 отсто е поголема за речиси два процентни поени во однос на историски рекордно најмалата стапка на невработеност од нешто над 17 отсто што беше забележана кај нас на крајот на минатата година.

Виенскиот институт ги ревидираше и проекциите за другите земји во регионот на Источна Европа. Така, од земјите на Западен Балкан најмал пад на БДП годинава се предвидува за Србија, минус 4 отсто (и пораст од 4 отсто во 2021), потоа за Косово минус 4,4 отсто (плус 4 отсто во 2021), додека Албанија и Босна и Херцеговина ќе забележат пад на БДП од 5 отсто, исто како и Македонија (за нив се предвидува раст од 3,8 односно 3 отсто во 2021). Најмногу годинава ќе биде погодена Црна Гора, за која се предвидува пад на БДП од 8 отссто (и раст од 5 отсто во 2021). Просекот за сите земји од Западен Балкан е минус 4,7 отсто за оваа година и раст од 3,8 отсто во 2021 година, се вели во соопштението на Виенскиот институт.

Од земјите од поранешна Југославија, Виенскиот институт предвидува пад од дури 11 отсто за Хрватска (раст од 4 отсто во 2021) и пад од 9,5 отсто за Словенија (раст од 4 отсто во 2021). Бугарија, пак, годинава ќе забележи пад на економската активност од 6,3 отсто и раст од 1,7 отсто идната година.

„Сите 23 економии во регионот ќе доживеат длабока рецесија оваа година, бришејќи најмалку две години раст на БДП“ вели во соопштение Виенскиот институт за меѓународни економски студии по објавување на новата прогноза. Институтот проценува дека економскиот пад предизвикан од корона вирусот во сите 23 земји во Источна Европа ќе биде полош од оној во 2009 година, како резултат на светската финансиска криза.

„Пондерираниот просечен реален БДП во регионот се очекува да се намали за 6,1 отсто во 2020 година, споредено со 5,6 отсто во 2009 година, што ја прави оваа година најлоша за земјите од Источна Европа уште од раните 90-ти. Исто така и првичното закрепнување на регионот ќе биде многу послабо: 2,8 отсто во 2021 година, во споредба со 4,4 отсто во 2010 година“, констатира Виенскиот институт.

Во 2020 година, контракциите на БДП се очекува значително да се разликуваат во земјите од регионот. Најголема контракција на БДП во 2020 година се очекува да имаат Хрватска (-11 отсто), Словенија (-9,5 отсто), Словачка (-9 отсто) и Црна Гора (-8 отсто), што се должи на големата зависност на овие земји од надворешната трговија и / или од туризмот.

Двете најголеми економии во регионот – Руската и Турската исто така се соочуваат со голема рецесија оваа година: според прогнозите на Виенскиот институт, реалниот БДП ќе се намали за 6 отсто во Турција и 7 отсто во Русија.

„Најмали контракции во 2020 година ќе има во економиите кои се помалку зависни од надворешната трговија и туризмот како што е Косово (-4,4 отсто) или Молдавија (-3 отсто), како и во оние кои веројатно ќе користат значителни фискални ресурси за да се спротивстават на падот како Полска (-4 отсто), Казахстан (-3 отсто) и Србија (-4 отсто)“, се вели во анализата.

Земјите што успеаја побрзо да ги укинат рестриктивните мерки кои значеа ставање под клуч на економијата, како што е Чешката Република (-4,8 отсто), исто така, ќе имаат подобри изгледи отколку што во спротивно можеше да се очекува.

Влошувањето на проекциите на Виенскиот институт е значајно. Тоа особено се однесува на Украина, Молдавија и многу од државите на Западен Балкан кои зависат од големите приливи на капитал што може да предизвика значителен стрес во тие земји.

„Очекуваме годинава нагло да се намалат дознаките од странство, странските директни инвестиции и приливот на портфолио инвестиции. Улогата на меѓународните институции како ММФ и ЕБРД ќе биде клучна во помагањето да се управува падот“, констатира Виенскиот институт.

Некои земји ќе можат значително да ја олабават фискалната политика за да го намалат падот, но повеќето економии во Источна Европа имаат прилично ограничени можности за надворешно финансирање и така ќе бидат принудени да се потпрат на повеќе оскудни домашни ресурси. Како што ќе се зголемуваат фискалните дефицити и ќе се намалува номиналниот раст, така нагло ќе се зголеми соодносот меѓу јавниот долг и БДП.

„Оваа криза е без преседан во пост-транзицискиот период, а предвидувањата на Институтот се предмет на невообичаено висок степен на неизвесност. Многу понегативно сценарио од тековното е сосема можно. Ова би вклучувало мешавина од понатамошни бранови на вирусот, подолго од очекуваното чекање на вакцината и грешките во политиката кај големите три столба на глобалната економија: САД, Кина и ЕУ. Шансите за поповолен исход, од друга страна, се доста слаби, но не можат да целосно да се исклучат“, констатира Виенскиот институт.