Виена: Роботите делумно ќе ги заменат хирурзите, наскоро првата роботска операција
Роботи делумно ќе ги заменат хирурзите во Виена при помали хируршки зафати, соопштија властите на овој град.
Како што наведоа, сѐ почести се минимално инвазивните операции, што е предност и за пациентите и за хирурзите. За овие операции се користат камери и инструменти кои се вметнуваат во телото преку мали засеци на кожата.
Со ова, како што образложија, може да се извршат многу посложени маневри отколку што е случајот со класичната лапароскопија, а отсуствува тресењето на рацете на хирургот. Нервите и крвните садови се заштитени најдобро што е можно, а малите засеци овозможуваат постигнување подобри естетски резултати и намалување на болката по операцијата.
Хирурзите веќе не се на операционата маса, туку управуваат со конзолата додека гледаат во екранот. Тридимензионалната слика со висока резолуција обезбедува десеткратно зголемен приказ.
Тие најавија дека првата роботска операција ќе биде извршена во средината на април во клиниката Донаустад. Во урологијата, хируршки робот се користи за уро-онколошки интервенции како што е операција на тумор на бубрег или за реконструктивни процедури како што се операции за замена на мочниот меур.
За уролошките, општа хирургија, ОРЛ и гинеколошките оддели на неколку клиники во Виена, во соработка со компанијата Intuitive Surgical Sàrl ќе се купат шест роботи „Да Винчи“ со вкупна вредност од 12 милиони евра. Набавката на роботите вклучува двомесечна обука за хирурзите кои ќе ги користат, соопштија виенските власти.