Видови закуски кои најдобро се комбинираат со вино


Неретко виното е сфатено исклучиво како придружник на главното јадење, луѓето имаат страв од осуда во случај да го консумираат со закуски или со т.н. „finger food“. Но, исто како и пивото, виното може да се комбинира со едноставни закуски кои се наоѓаат во домот и може да се послужат без потреба од некоја посебна подготовка.

Генерално, комбинациите на вината и закуските соодвествуваат со интензитетот на вкусот. На пример лесните закуски како солен чипс, поховани тиквички, лесни кашкавали или солен помфрит се одлична комбинација со лесните бели вина вклучувајќи ги и пенливите вина, додека за зреени сирења, месо и друга храна со интензивен вкус, најдобро е да се одбере црвено вино со полно тело. Па така, полузрелите сирења совршено одат со шардоне, козјото сирење најдобро се комбинира со совињон блан, додека поинтензивниот вкус на зрел стар кашкавал е најдобро да се впари со црвено вино.

Можеби сте мислеле дека пуканките во никој случај не можат да се консумираат во придружба со вино, но ова е всушност храна која лесно се впарува со овој пијалак. Вината од сортите виоње и шардоне се хит за време на опуштање пред телевизорот во комбинација со пуканки подготвени во путер. Истовремено, шардоне вината се одлични сопатници на морската храна, гвакамоле и пилешкото месо. Комбинацијата на солената храна и овошниот вкус на шардонето одлично се надградуваат и ги истакнуваат своите уникатни и интересни елементи.

Поинтензивниот вкус на сувомеснатите производи соодвествува повеќе со црвените вина кои исто така имаат појак вкус и мирис. Доколку одлучите да сервирате сувомеснати производи тогаш добар избор е каберне франк. А ако нарачате пица, секако дека може да најдете и содветно вино за комбинација со неа. Пробајте вранец, затоа што ова вино добро се носи со доматниот сос на пицата.

Можеби не е закуска, но многу интересна комбинација е црното чоколадо и вино од сортата каберне совињон. Иако ретки, комбинациите со слатки и чоколадо се многу често најпопуларни, поради тоа што обете се богати со уникатни вкусови кои заеднички се надополнуваат. Кога комбинирате чоколадо и вино, трудете се чоколадото да биде темно, а виното да е црвено со полно тело. Тука би препорачале и вино од сортата сира.

Имајте на ум дека сепак личната преференца за вкусови игра голема улога. Тоа што на некој друг му се допаѓа, вам може да не ви одговара. Најдобриот начин да дознаете што ви одговара е да пробате различни закуски и типови на вино, притоа нѐ плашејќи се од експериментирање.

Ви откриваме и една мала тајна. Секогаш чувајте во вашиот ладилник едно шише розе вино, во случај да ве посетат ненајавени гости. Розе вината имаат најширок опсег на впарување со храна, особено кога станува збор за ладните закуски. Тоа е поради карактеристиките на розе вината кои се произведуваат од црно грозје по технологија за бело вино, па од таму нудат ароматски профил на црвено вино со свежина и лесно тело на бело вино.

Виното крие многу тајни. За да дознаете повеќе за нив тука е специјализираната школа „Wine Educator“. Основана од ВВ „Тиквеш“, оваа школа за вино и алкохолни пијалаци ги шири убавините и начините на вистинско уживање во виното, вклучувајќи ги и советите за комбинирање вино и храна. „Wine Educator“ е првата македонска школа која поседува акредитација од престижната Лондонска школа – Wine & Spirits Education Trust (WSET) која доделува меѓународно признаени дипломи за завршената обука. Но, и да не сте заинтересирани за меѓународно признат сертификат, обуката за виното ќе ви овозможи да откриете многу интересни аспекти за виното. На крајот од денот, најважно е вистински да уживате во тоа што животот го нуди, а покрај другите убави работи, тој нуди и навистина добро вино и храна.