Се гледа напредок на изградбата на пречистителната станица во Скопје – инвеститорот задоволен
Речиси нечујно изградбата на пречистителната станица, за која договор беше потпишан во 2023, оди со забрзани чекори. Ова е капитален проект за Македонија
Изградбата на пречистителната станица во Скопје напредува, а треба да почне со работа во 2030 година.
Претставникот на Европската инвестициска банка, која се јавува како инвеститор во овој капитален скопски проект, Бјорн Габриел, е задоволен од напредокот во изградбата, и ги охрабрува сите инволвирани во во проектот да обезбедат сигурно поврзување на сите компоненти за проектот да може да биде испорачан на време.
„Исклучително ми е драго што бевме сведоци на вистински напредок во изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје за време на посетата на локацијата оваа недела со нашиот виш експерт за воден сектор од ЕИБ, Лијана Јанчаускиене, и други партнери во проектот!

Работите ги започна минатата година WTE Wassertechnik GmbH, со финансирање со кредит заеднички обезбедено од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и ЕБОР. Покрај тоа, ЕИБ обезбеди 70 милиони евра грант од #ЕУ за проектот во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан – WBIF на ЕУ“, пишува тој на социјалните мрежи.
Појаснува дека како водечки МФИ за овој проект во водниот сектор, ЕИБ тесно соработуваше со другите финансиери, Владата на Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Градот Скопјe, неговото водоводно претпријатие „Водовод и канализација“ и тимот на Европската комисија за соседство и проширување на ЕУ во Делегацијата на ЕУ во Скопјe, за да го подготви најголемиот еколошки проект во земјата и да го постави на добар пат за негова имплементација.
„Додека се постигнува напредок, ги охрабрувам сите засегнати страни во проектот да работат рака под рака за да се осигурат дека сите поврзани компоненти на проектот можат да бидат испорачани на време – а Пречистителната станица за отпадни води во Скопјe наскоро ќе може да го покаже своето позитивно влијание во добронамерноста на граѓаните на земјата и нејзината животна средина“, вели Габриел.
Проектот го имплементира ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, со силна поддршка од Европската Унија преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ) за иградба на современа централна пречистителна станица за отпадни води, лоцирана помеѓу општините Гази Баба и Аеродром, која опфаќа проектна површина од 184.610 м2.

Овој екотрансформативен проект вклучува изградба на 58 објекти, од кои повеќето веќе се во активна фаза на изградба, а вклучуваат пумпна станица за сурова вода со лев и десен колектор што се протега на 1.050 м2, објект за прифаќање на површина од 470 м2, таложници за песок и маслофаќачи на површина од 1.450 м2 и дигестори кои зафаќаат површина од 2.000 м2.
Со изградбата на пречистителната станица се обезбедува примарен и секундарен третман, со користење на најсовремена технологија и опрема за биолошки третман на отпадни води. Овој проект има за цел значително да го подобри квалитетот на површинските и подземните води, со што ќе се придонесе за целокупно подобрување на состојбата на животна средина и здравјето на жителите на Скопјe.
Во април 2023, по две години одолговлекување од страна на раководството на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“, беше потпишан договорот со германската фирма „ВТЕ Васертехник“ и домашната „Жикол“.
До лани, две години по потпишувањето на договорот немаше никаква информација во јавноста до каде е изградбата на прочистителната станица во Скопје, за во јуни тогашната градоначаничка Данела Арсовска да се пофали дека „Град Скопје, кој започна во исто време со градовите во регионот како Подгорица, Приштина и Бања Лука, е во најнапредна фаза на изградба на новата пречистителна станица за отпадни води, најголемиот еко-капитален проект во регионот“.

Бјорн Габриел објави фотографии од дрон од напредокот.
Проектот се состои од две фази. Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година). Ефлуентот од третманот на отпадните води ќе се испушта во реката Вардар. Предвидениот капацитет на ПСОВ е 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2045 година.
Европската инвестициска банка додели 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје. Со тоа, за пречистителната станица се обезбедени повеќе од 200 милиони евра.(Б.Б.)