(ВИДЕО) Зграда што „оди“ – како Кинезите преместија петкатница


Жителите на Шангај кои минаа низ источниот дел Хуангпу на почетокот на овој месец можеа да наидат на необична глетка – зграда што „оди“.

Основното училиште старо 85 години беше целосно подигнато од земја и беше преселено со помош на новата технологија наречена „машина за одење“, пишува порталот БизЛајф, пренесува Блиц.

Со цел да се зачуваат историските градби, инженерите под петкатницата прицврстиле речиси 200 подвижни носачи, вели главниот надзорник на проектот Лен Вуџи.

Носачите се однесуваат како нозе. Тие се поделени во две групи кои наизменично се креваат нагоре и се спуштаат надолу, имитирајќи човечки чекор, а сензорите помагаат во контролата на движењето на зградата.

Училиштето е изградено во 1935 година и беше преселено на друга локација затоа што на негово место треба да се изгради деловен објект. За да успеат во тоа, работниците најпрво требаше да ископаат канал околу објектот за да можат да ги инсталираат споменатите машини.

Целиот процес траеше 18 дена, а во поранешната училишна зграда ќе биде сместен центар за образование и заштита на наследството.

Шангај важи за еден од најнапредните градови во Кина кога станува збор за заштита на културното наследство, па затоа тие веќе заштитиле многу стари градби. Ова не е првпат објект да се преместува во овој дел од најмногубројната земја во светот.

Во 2003 година во Шангај беше преместена концертната сала изградена во 1930 година заради изградба на автопат. Пред две години, зграда стара 90 години беше преместена што беше оценето како најсложениот потфат од тој вид.