(Видео) Роботска ајкула дневно собира по 21 илјада шишиња


Роботската ајкула која ја измисли компанијата RanMarine би можела да даде значителен придонес во чистењето на реките.

Основач на компанијата RanMarine е Ричард Хардимен, кој идејата за роботска ајкула ја добил откако гледал како двајца мажи се мачат обидувајќи се од својот чамец да соберат отпад.

„Собираа отпад од водата додека ги дуваше ветер. Нивниот начин ми изгледаше неефикасен“, вели Хардимен за Euronews.

Својот робот го нарекол WasteShark, а дизајнот е инспириран од големите вилици на ајкулите кои голтаат сѐ што ќе им се најде на пат. Роботот за еден ден може да собере до 21 илјада отпадни шишиња.

„Ова е автономна машина која собира отпад од вода на површинско ниво. Тој отпад може да биде пластика или нешто друго, дури и биомаса како алги“, додава тој.

Роботот засега се користи во реката Темза на подрачјето на лондонски Канари Ворф, кој секојдневно го посетуваат 120 илјади луѓе поради работа или шопинг. Со ова подрачје управува Canary Wharf Group, група која има предводено бројни иницијативи за намалување на количината на пластика за еднократка употреба. Меѓутоа, и покрај напорите, чаши за кафе и пакувања за храна сепак завршуваат во водите.

Роботот WasteShark е идеален за собирање на таквиот отпад, а покрај тоа е и еколошки прифатлив.

„Го дизајниравме така што да нема никакво штетно влијание на околината во која работи. Ќе забележите многу чамци што половат додека екипажот собира отпад, но тие чамци користат гориво, така што и тие по малку ги загадуваат водите“, вели Хардимен.

WasteShark го нема тој проблем бидејќи користи електричен погон, а покрај тоа е и доволно тивок за да не им смета на животните.

„Патките и лебедите се оддалечуваат од него, а не е ни доволно брз за да фати риба, така да е одлично решение“, завршува Хардимен.