(Видео) На небото над Алјаска снимена необична појава


Фотографот Тод Салат сака да снима аурори и често поминува часови со својот фотоапарат на студениот ноќен воздух трпеливо чекајќи да се појави небесниот спектакл. Но, во саботата наутро, во близина на градот Делта Џанкшн, видел феномен кој бил сосема поинаков од она што го очекувал. Такво  нешто досега не видел.

Кога погледнал кон небото, ја видел зеленикавата поларна светлина, но и сина спирала која станувала се поголема и поголема додека се движела по небото. „Тоа беше прекрасно уметничко дело на небото“, изјави Салат за Daily News. За среќа, фотографот ја имал целата опрема со себе и бил подготвен да снима и го снимил овој необичен феномен.

Како настанува овој феномен?
Но, за што всушност се работи? Неколку часа пред појавата на спиралата, компанијата SpaceX ја лансираше ракетата Falcon 9 од Калифорнија, која носеше десетици сателити. Неколку минути по лансирањето, првата фаза на ракетата се спушти назад на земјата за да може повторно да се користи. Во меѓувреме, горната етапа на Фалкон 9 го продолжи своето патување во орбитата, каде што ја заврши својата мисија и потоа се спушти назад на Земјата во спирала што се врти.

Во таа прилика, тој испушта остатоци од гориво во горната атмосфера, каде што водената пареа замрзнуваа во ситни кристали кои ја рефлектираат светлината. Иако засега не можеме со 100% сигурност да потврдиме дека небесната спирала над Алјаска е предизвикана од ракета на SpaceX, тоа е најверојатното објаснување бидејќи такви сцени се случиле и на други места при лансирање на ракети, пишува Science Alert.

На пример, кон крајот на јануари оваа година, на ноќното небо над Хаваи се појави и синкаста спирала. Јапонската национална астрономска опсерваторија ја забележа оваа мистериозна спирала на 18 јануари, веднаш откако SpaceX ја лансираше ракетата Falcon 9 која носи голем воен сателит.