Видео-конференција меѓу врховниот командант и нашите мировници во странство
Со видео-конференциска врска која ги премости километрите меѓу татковината и меѓународните мисии, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, традиционално беше одбележан претстојниот почеток на новата година. Додека децата на македонските мировници во странство ги примаа своите новогодишни пакетчиња, државниот и воениот врв упати пораки на благодарност до припадниците на Армијата во Косово, Босна, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, им посака успешна работа на мировниците во странство.
„Се чини дека никогаш на светот, мирот не му бил потребен повеќе, а вредноста на нашите мировници и македонската Aрмија никогаш не била повидлива. Ви посакувам успешно да продолжите гордо да ја претставувате Армијата, затоа што имате што да претставите“, рече таа.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека ова средба има особена тежина и значење бидејќи, како што рече, „нѐ обединува како семејство“.
„Иако денеска сме физички оддалечени, оваа средба има особена тежина и значење бидејќи нѐ обединува како семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на секој еден од нас“, нагласи министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски е уверен дека секој од мировниците ја извршува задачата крајно професионално.
Традиционално, и оваа година, за децата Дедо Мраз стигна со хеликоптер на тренинг центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.