(Видео) Група вооружени мажи упаднаа во ТВ студио на Еквадор, држеа водители на нишан


Тешко вооружени гангстери со митралези упаднаа во студиото на една голема телевизиска станица во Еквадор за време на програма во живо додека криминалните банди почнаа серија навидум координирани напади низ јужноамериканската земја.

Носејќи пиштоли, митралези и динамит, маскирани криминалци упаднаа во седиштето на мрежата TC Televisión во најголемиот град во Еквадор, Гвајакил, околу 14 часот по локално време.

Весникот Ел Универзо пишува дека во паника новинарите и снимателите испратиле бројни пораки барајќи помош додека гангстерите дивееле низ зградата.

„Тие сакаат да убијат многумина од нас. Помогнете ни“, гласеше една порака. Националните полициски сили на Еквадор објавија на социјалните мрежи дека специјалните сили биле распоредени на местото на злосторството „за да се справат со оваа вонредна состојба“.

До упадот во студиото дојде кога криминалните банди започнаа бран на терор низ Еквадор, киднапирајќи полицајци и активирајќи серија бомби, додека затворениците киднапираа десетици чувари. Нападите се случија неколку часа откако новиот претседател Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба по бегството на водачот на најопасната банда во земјата.

Претседателот на Еквадор потпиша указ за прогласување внатрешен вооружен конфликт

Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа денеска потпиша извршна уредба со која се прогласува дека во таа земја е во тек внатрешен вооружен конфликт.

Тој изјави дека означил голем број организирани криминални групи како терористички организации, додавајќи дека им наредил на вооружените сили да спроведат воени операции за неутрализирање на овие групи.

Нобоа го потпиша указот по денешниот упад на вооружена група напаѓачи во зградата на телевизијата ТЦ во градот Гвајахил.

Еквадорската полиција денеска соопшти дека ги евакуирала вработените од зградата на ТВ ТЦ , откако вооружени лица со качулки упаднале во телевизијата.

Бегството на мафјашот Масијас беше иницијална каписла

Додека илјадници војници и полицајци го бараа Адолфо Масијас, осудениот водач на моќната банда Лос Чонерос, избувна хаос внатре и надвор од затворот во очигледна демонстрација на сила на организираните криминални групи против новиот претседател на земјата. Нобоа, кој беше избран во октомври врз основа на ветување дека ќе го сузбие насилниот криминал, доцна вчера прогласи двомесечна вонредна состојба.

Тој вети дека ќе ја врати контролата врз затворите во земјата, кои постојано беа сцена на брутално насилство меѓу завојуваните банди. Се чини дека вонредната состојба немаше непосреден ефект бидејќи тројца полицајци беа киднапирани во јужниот град Мачала, а криминалците киднапираа уште еден полицаец во главниот град Кито.

Се верува дека уште десетици затворски чувари биле земени како заложници во затворите ширум земјата, иако затворските власти не дадоа дополнителни детали. Масијас (44) исчезна од затвор во неделата додека беше префрлен во затвор со максимално обезбедување во Гвајакил.

Масијас отслужува 34-годишна затворска казна од 2011 година за трговија со дрога, убиства и организиран криминал, но тој останува моќна личност зад решетките. Друг опасен водач на банда, Фабрицио Колон, избегал од затворот Риобамба за време на синоќешните немири, потврди затворската служба.