Десетици илјади луѓе протестираа низ Франција барајќи повисоки плати и мир


Десетици илјади луѓе ширум Франција се приклучија на синдикалните собири за повисоки плати и мир по повод Меѓународниот ден на трудот.

Од Марсеј до Лион, Рен или Тулуз на големите поворки во големите градови се вееја знамиња на различни синдикати и палестински знамиња.

Во Париз, според синдикатите, се собрале 50.000 луѓе, а според полицијата 18.000, атмосферата на почетокот била карневалска, но на крајот полицијата интервенирала со солзавец.

Според полицијата, група од 4.500 луѓе, со „неколку стотици радикали“ запалиле камион, а уништени се и излози.

Досега се уапсени 25 лица.

Низ цела Франција, 12.000 полицајци се распоредени за да го зачуваат мирот, од кои 5.000 во Париз.

Моќниот синдикат ЦГТ упати апел против „мерките за штедење“, за отворање работни места, повисоки плати и мир.

Водечкиот синдикат ЦФДТ ги повика луѓето да се приклучат на маршевите во повиците за поамбициозна Европа која повеќе ги штити работниците.