(Видео) Годишно обраќање на Живко Мукаетов: И покрај сите предизвици, „Алкалоид“ презентираше успешни резултати
Во 2024 година беа реализирани повеќе проекти и инвестиции, воведени нови технологии во производството и добиени се повеќе значајни награди
Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на една од најуспешните домашни компании, „Алкалоид“ АД Скопје, во новогодишното обраќање до вработените и до јавноста ја оцени 2024 година како активна и година во која беа реализирани повеќе проекти и инвестиции, воведени нови технологии во производството и добиени се повеќе значајни награди.
„Две илјади дваесет и четвртата година беше навистина активна година за „Алкалоид“. Во јануари Дениз Ричардс пиеше чај Good Nature. Во февруари го добивме нашиот прв меѓународен патент за лек со додадена вредност – течниот Омепразол. Во март го пуштивме во употреба нашиот голем капитален инвестициски проект Таблетно 2, вреден деветнаесет милиони и четиристотини илјади евра“, вели Мукаетов во обраќањето.
Тој додаде дека годинава беа одбележани и три децении од основањето на данскиот Конзулат, чие седиште е во просториите на компанијата. Исто така, беше регистрирано ново друштво во Казахстан, компанијата инвестираше во истражувачко-развојна компанија за развој на биослични лекови во Јужна Кореја.
„И покрај сите предизвици со кои се носевме во текот на годината која изминува, ‘Алкалоид’ презентираше успешни резултати во работењето“, посочи Мукаетов.
Тој додаде дека Македонската берза во 2024 година на „Алкалоид“ му ги додели престижните награди за Најтранспарентно котирано акционерско друштво, Акција на годината и Награда за добри ESG-практики.
„Како компанија лидер во прифаќањето и имплементацијата на нови технологии во работењето, ќе останеме посветени на концептот за транспарентно и етичко работење, остварувајќи ги целите зацртани во нашата ESG-стратегија, насочени кон одговорно однесување спрема животната средина, заедницата и спрема луѓето пред сè“, нагласи Мукаетов, додавајќи дека проектите за општествена одговорност на компанијата продолжија и годинава. Во тој контекст тој го посочи традиционалниот хуманитарен хепенинг, на кој годинава по кратка, принудна пауза, повторно привлече импозантен број од над четири илјади присутни, и обезбеди донации во парични средства за организацијата СОС Детско село.
„Алкалоид“ во моментов е компанија на над три илјади семејства и секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива. А како потсетник за тоа од каде сме тргнале, каде сме денес и каде треба да се движиме во иднина е Музејот на „Алкалоид“, кој го отворивме годинава, истакна Мукаетов .
Овој простор содржи бројни драги спомени и значајни моменти од етапниот осумдесет и осум годишен развој на една успешна македонска приказна, со пласмани во над педесет земји во светот, која денес ја раскажуваат нови генерации дома и надвор од македонските граници, на кои ќе им ги пренесат силните етички стандарди базирани на знаење и системот на вредности граден со децении.