(Видео) Америка повеќе не уништува бродови само во Карибите. Сега нападнаа еден во Пацификот


Синоќа, американската војска изврши смртоносен напад врз брод во источниот дел на Тихиот Океан, при што загинаа две лица на бродот, објави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.

Ова е осмиот познат напад на американската војска врз бродови за кои се сомнева дека се вмешани во шверц со дрога откако започна офанзивата на почетокот на септември. Но, за разлика од претходните седум напади што се случија во Карипското Море, овој го означува проширувањето на кампањата во Пацификот, каде што досега не се регистрирани вакви напади.

„Наркотерористите кои имаат намера да донесат отров на нашите брегови нема да најдат безбедно засолниште никаде на нашиот континент“, рече Хегсет денес преку социјалната мрежа X, каде што објави и видео од нападот.

Според неговите изјави, погодениот брод бил во сопственост на терористичка организација и бил користен за шверц на наркотици во Источниот Пацифик. Хегсет тврди дека, според разузнавачките информации, бродот бил вклучен во нелегален транспорт на наркотици, дека се движел по позната рута за шверц и дека транспортирал дрога.

Министерот за одбрана нагласи дека во нападот нема повредени американски војници и ги спореди шверцерите со терористичката мрежа Ал Каеда.

„Исто како што Ал Каеда водеше војна против нашата татковина, така и овие картели водат војна против нашата граница и нашиот народ. Нема да има засолниште или прошка – само правда“, напиша Хегсет.

Администрацијата на Трамп има таен правен документ
CNN објави дека администрацијата на Трамп има класифицирано правно мислење со кое се обидува да ги оправда смртоносните напади врз тајна, проширена листа на картели и осомничени трговци со дрога.

Според адвокатите кои претходно коментираа за CNN, мислењето е значајно бидејќи ги третира трговците со дрога како непријателски борци, кои можат да бидат убиени без никакво судење или надзор.

Претходни акции во Карипското Море: Преживеаните се вратија дома
Само минатата недела, САД извршија уште најмалку два напади врз бродови во Карипското Море, во кои не беа убиени сите членови на екипажот. Во еден случај, американската морнарица зароби двајца преживеани, но не ги задржа. Наместо тоа, САД ги депортираше во нивните матични земји – Еквадор и Колумбија.

Случајот отвори потенцијален правен и политички проблем за американската администрација бидејќи не беше јасно под какво законско овластување војската може да ги притвори заробените шверцери на неодредено време.

Оваа ескалација на американската воена кампања против нарко-картелите означува промена во начинот на кој Вашингтон се однесува кон организираниот криминал – повеќе не како кривично прашање, туку како прашање на војна. Критичарите предупредуваат на опасни преседани и отсуство на правна рамка, додека претставници на администрацијата велат дека ова се неопходни мерки за заштита на американските граѓани.