Вештачка крв првпат е пренесена во човек


 Крв направена во лабораторија првпат е пренесена во човек, а тоа – како дел од новото клиничко тестирање вештачка крв во светот.

Тоа било мало количество крв, за да се дознае како телото ќе реагира на неа. Научниците веруваат дека трансфузијата ќе продолжи да се заснова на дарувањето крв, но тука нивната цел е да се направат ретки крвни групи. Тоа им е најпотребно на оние луѓе кои зависат од чести трансфузии за ретки болести, како што е тн. српеста анемија, каде што ако крвта не е целосно соодветна, тогаш телото не ја прифаќа и третманот не е успешен.

Професорката на британскиот Универзитет на Бристол, Ешли Тој истакна дека во Велика Британија, вообичаено има само 10 луѓе кои можат да даруваат крв на оние кои имаат исклучително ретка крвна група.

Научници од универзитетите во Бристол, Лондон и Кембриџ и Националниот здравствен систем на Велика Британија се занимавале со лабораториско производство на крв. Процесот на производство трае три недели, т.е. додека крвните зрнца не се во состојба погодна за трансплантација.

Во клиничкото тестирање учествуваат две лица, а целта е да се тестира крв меѓу најмалку 10 здрави луѓе. За минимум четири месеци испитаниците ќе примат две дози крв од пет до 10 милилитри. Првата доза ќе содржи природна крв, а втората ќе содржи крв создадена во лабораторија. Научниците очекуваат дека лабораториската ќе биде дури и подобра од природната крв.

Сепак, постојат и одредени финансиски и технолошки предизвици во лабораториското производство на крв. Многу веројатно, ќе бидат потребни уште многу истражувања за да се стигне до потребните количини.