Венко Андоновски: Рацин е нашиот Бертолд Брехт

Рацин е поет од европски формат. И акцелерација на книжевниот македонски организам. Тоа сакав да кажам во оние 100 страници. Прочитајте, судете.  


Фото: Б. Грданоски

Во МАНУ, вчера, пред преполна сала, беше промовирано тритомното издание „Кочо Рацин“. Едицијата се состои од три тома подготвени минатата година, во рамки на научно-истражувачки проект на МАНУ: Поезија (прв том приреден од проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ); Проза и публицистика (втор том приреден од проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова); и Животопис на Рацин (трет том чиј приредувач е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска). 

Академик Попов истакна дека новата едиција е  „добредојде од МАНУ за Рацин“ зашто, рече, се појавува по 38 години од последната истражувачка публикација за него, објавена во 1987 година, и дека промоцијата е надоврзување  на свечениот собир што МАНУ го организирала на 22 декември 2008,  по повод 100 години од раѓањето на Рацин.

 

Верува, рече, дека со новата едиција ќе се обнови „не само интересот за делото и дејноста на Рацин, туку ќе се реафирмираат и неговите уметнички и научни квалитети, а со тоа ќе се укаже на актуелноста на неговото дело“.

 
Фото: Б. Грданоски

Еве, што кажа, вчера, пред уважениот аудиториум Венко Андоновски, за поезијата на Кочо Рацин.

„Ќе говорам за моето сфаќање на Рацин во овој тритомен проект, во кој јас бев задолжен за неговата поезија. Ќе говорам за тоа како го сфатив новото исчитување на поезијата на Рацин, врз основа на огромната критичка граѓа оставена за него, од моите славни претходници, академици и мои професори, како и мои колеги. Јас дореков нешто што тие или не стигнале, или не смееле, тогаш.

Јас Рацин го сфаќам како едно големо забрзување на македонската книжевност и култура. Тој е акцелератор, ако се знае дека нашата историја познава многу епизоди на забавен развој, пред сè поради неостварената државност и неостварената кодификација на македонскиот јазик, за која предуслов (како и кај сите народи) е токму државноста.

Еве некои од тие забавувања:

Кога во 1835 година, десет години пред смртта, нашиот Кирил Пејчиновиќ, со длетово камен го врежува својот епитаф на надгробната плоча, и со онаа метафора „зере во гроб црвите ги гостил“ го означува почетокот на македонската нова поезија, тој не можел да знае дека во Хрватска, пет години пред неговото длето да почне да длаби по каменот, веќе е кодификувана хрватската јазична и книжевна норма, и дека веќе се пишува раскошна љубовна и патриотска романтичарска книжевност што се печати во „Даница илирска“, списание на кодификаторот на јазикот, Људевит Гај. Не можел Пејчиновиќ да знае дека пет години пред да умре, на само триста километри воздушна линија, во Загреб, ќе се игра првата претстава на хрватски јазик (а тој, се разбира, не бил поканет), и дека е роден Илирскиот народен театар, денешното ХНК.

Ама тој ист наш Пејчиновиќ ја видел Халеевата комета без телескоп, за разлика одтогаш 20 годишниот величествен романтичар, Иван Мажураниќ, кој ја гледал со семеен телескоп. Нашиот Кирил, во камен запишал: “И излезе звезда со опашка зјелотемна и небје подобна звездам, токотаке саде опаш по вечера огреуешеот кај Солун, заожда шекуде Мореја”. И додал: „Да се знае, да се знает“.

Во деветнаесеттиот век, сите балкански книжевности имаат роман (некои и пред тоа), и тоа – стабилизација и „експлозија“ на романот како реалистичен омилен жанр, а нашиот роман се роди повеќе од 100 години подоцна: допрва во дваесеттиот век, во 1952 година (Село зад седумте јасени на Јаневски). Па сепак, во XX век сите ни признаа дека имаме светски калибар на романисери, и тоа – постмодерни!

Или, во дваесеттиот век: кога кон крајот на 1903 година браќата Рајт ќе го изведат својот славен лет во Кити Хоук, Северна Каролина, САД, со што ќе најават нова ера на човештвото, во малата балканска Македонија, во крв и пламен е задушено Илинденското востание.

Или: во мигот кога технолошки високо цивилизираната Европа ќе започне да ги применува гумените пневматици  за своите парни и бензиски автомобили, во 1893 година, македонскиот народ допрва ја добива својата света национална организација која ќе го обедини народот и која ќе го поведе кон Илинденското востание. Тоа е истата онаа година кога генијот Прличев, ќе ги затвори своите изморени очи, откако претходно како лебед, на грчки ќе го испее своето ремек-дело на балканскиот романтизам, Сердарот.

Но, има и забрзувања.

 Истата година кога во крв и пламен е задушено Илинденското востание, и кога таткото на модерната европска лингвистика, Фердинанд де Сосир во удобниот кабинет во Женева ги подготвува своите прочуени лингвистички предавања, во Софија, и покрај крушевската национална трагедија, се јавува светата книга на македонската лингвистика: За македонцките работи, од македонскиот Сосир, Крсте Петков Мисирков. Во неа не само што е дадена идната норма на македонскиот книжевен јазик, туку и првата наша валидна дефиниција на јазикот воопшто, што ги вклучува референцијалната, емотивната и конативната функција на јазикот. За ова сум пишувал поопширно, и сега нема да говорам за тоа.

Конечно: како да се објасни тоа што само две години по крвавото Востание, а само десет години по откритието на браќата Лимиер (1905), во Лондон била купена една камера, марка „Биоскоп 300“ од Македонец по име Јанаки Манаки, за да биде однесена во бездржавна Македонија, а веќе следната година да биде употребена за снимање на првите македонски филмски записи – Предачки и Училишен час на отворено? Што се случува со тој народ кој е пред времето во уметноста, а државотворно-историски доцни?

Ако е така, тогаш Рацин е гравитација за сите свои претходници, просветители и преродбеници од XIX век, на онаа духовна македонска вертикала што врви од Пејчиновиќ и Крчоски, преку Миладиновци, Прличев, и Цепенков, а завршува во првите три години од XX век, со Војдан Чернодрински и Крсте Мисирков. Сите тие се „самоникнати“: не се производ на регуларна книжевна еволуција, туку изгледаат како одненадеж појавени планети, кои блеснуваат една по друга, без матичен сончев систем (македонска држава).

Мислам дека до сега веќе јасно можеше да се насети дека јас Рацин, во овој тритомник, го читав како еден вонвремен палипсест, врз кој се испишани оние жанрови и стилски формации кои или „недостигале“, или не се развиле во доволна мера во претходниот, предрациновски развој на македонската книжевност. Но, исто така го набљудувам и како палимпсест врз кој се испишани и оние стилови или филозофии кои (иако не морал да биде во директен допир со нив) биле дел од духот на неговото време. Така, во исто време Рацин го читав и како романтичар – продолжеток на Миладинов, и како егзистенцијалист кој завршува во револт (како подоцна од него – Ками), а јасно е дека во Огномет тој палимпсест се збогатува со една речиси Крањчевиќевска реалистичка поетичка програма. Повторувам: Рацин-романтичар, Рацин-реалист, Рацин-егзистенцијалист, а според она што е напишано за Огномет, сега веќе и Рацин – експресионист.

Така го читав Рацин во првиот том (Поезија) од ова тротомно издание. Тој е дополна на она што го нема пред него. Онака како што македонскиот XIX век нема роман (а Рацин проба со Афион да напише дури и роман), така нема ни класична романтичарска љубовна лирика. Во XIX век, Константин Миладинов (за кој Атанас Вангелов напиша исклучително научно заснована студија „Константин Миладинов и рускиот романтизам“) не успеа да испее песни во кои би ја овековечил „својата Јулија Примицова“, во златото на поезијата – сонетот, а чија круна е сонетниот венец, како што успеа еден Франце Прешерн во словенечката книжевност.Или, како што е тоа случај во хрватската книжевност, во која Ѓулабии на Станко Враз, посветени на саканата Љубица, се прогласени (бидејќи не се сонетен венец, туку циклус љубовни стихови) за роман во стихови (иако станува збор за критичко претерување). Нашиот Константин, ја стави татковината пред жената (романтичарите беа опседнати од мотивската тријада мајка-жена-татковина), па од него остана антологиската Т’га за југ. Но, и кога пееше за жената, Миладинов само ја допре срамежливо темата, и не остави доволно силен белег во графата „романтичарска љубовна лирика“, зашто кај него љубовта остана на ниво на искажана предеротска инфантилност, речиси срам од љубовта:

„Кога ќе доит при мене! / Кога ќе седнит до мене! / Така си велеф ката-ден. – / Ја кога дојде у мене – / Как’ ќе излеза пред неа! / Да не би дошла никога! “ (Желание, шестостишие)

А нашиот Рацин, напротив, бара таа (Раца, Рафилка Фирфова) да дојде. Се гледа тоа од неговите дописни картички пишувани и праќани по пошта до неа. Дури и кога ќе ја именува љубената, дури и кога ќе ја искаже љубовта, кај Миладинов нема ни трага од болката и копнежот на Рацин.

Рацин ја пополнува празната графа „љубовна лирика“ на Миладинов. За него Раца е сè. Таа е и есенција и егзистенција. На Рацин, во неговите љубовни треперења, час му се чини дека егзистенцијата ѝ претходи на есенцијата, а час дека есенцијата ѝ претходи на егзистенцијата (Раца ѝ претходи на Револуцијата, која е егзистенција). Во Антологија на болката, љубовтакон Раца е есенција која никако „да падне“ во егзистенција, зашто е поврзана со бесконечноста: „Божеството на сонот, свирејќи в кавал, / Со мелодија што приспива, занесува, / И слухот го пои со Божествености, / Во катчињата на сладоста го внесува. / И го врзува со Битието – вечноста“  („Во среќата на сонот“).

Во „Записки за бесмртнатаљубов“ читаме: „Кога-годе во мислите ќе го побарамтвоетобитие – / наидувам на твојот лик… Ох, Неизбежност! / До кога ќе ја барамсмислата во бесмислата?“

Во горните стихови се гледа тој скок од битие во лик, односно пад од есенција во егзистенција. Сето битие за Рацин го има ликот на неговата Раца. На едно друго место пак, Раца станува Камиевскиот космос кој молчи, не одговара, се смее и се потсмева.

 

Затоа ти идам сега, изнеможен

Од зборој, од прекори, од смеата на Бесмислата

Беден како камен – искрен како кристал –

За Љубовта твоја јас молам ко просјак.

 

Во моето читање на Рацин во европски контекст, го поврзав со егзистенцијализмот, со експресионизмот и со футуризмот. Во тој мој текст, кој има околу 100 страници, забележав сличности и со големиот Бертолд Брехт, па можеби прехрабро, но не и неточно напишав дека Рацин е нашиот Бертолд Брехт. Зар овие стихови не звучат како да ги напишал токму Брехт?

 

Педесет милиони скапуваат од глад,

                                    а светот се дави во изобилство

                                    педесет милиони се премногу за оваа планета

                                    и тие можат да се преселат на Марс, на шестиот и

                                                                                    седмиот континет

                                    само не овде,

                                    каде секоја стапка е мета за профитот

                                    на богот на златото,

                                    или овде

                                    каде сржта на балканската земја

                                    ја цица француското злато!

 

Во моето читање на Рацин, навестив и паралела со еден од најголемите балкански, а секако најголем хрватски експресионист, Антун Бранко Шимиќ. Иако драстично различни по најличната поетска физиономија, тие имаат и сличности, кога говорат за Големиот Човек, оној кој заслужува да се именува као човек. Зар Рацин, по сите негови стихозбирки, и посебно по оние за понижениот човек (особено во Бели мугри), нема ама баш никакви допирни точки со Шимиќ, и неговата антологиска ода на човекот? Еве ја, во мој препев:

 

ОПОМЕНА

 

Човеку, внимавај

да не чекориш ситен

под ѕвездите!

 

Допушти

низ тебе целиот да мине

благата светлост на ѕвездите!

 

И за ништо да не жалиш

кога со погледи последни

ќе се делиш од ѕвездите!

 

На скончанието свое

наместо во прав

сиот помини во ѕвезди.

 

И Рацин, како и Шимиќ, е човек загледан во Новиот исправен под ѕвездите Човек и во Новиот поредок. Поетна Големата Промена, надолго очекуваниот, конечен исход од изградбата на еден нов и поправеден свет.Воодушевеноста од човекот кај него е рамна на воодушевеноста од машините:

 

                        Синови на челикот

                        На големите коксови печки

                        Деца на земјината утроба

                        И на огромните динамо-машини –

                        Наваму Градители!

                        (…)

                        На исток распукува мугра,

                        Осамнува –

                        Врз пепелта на горливите противречности

                        Стои патоказ –

                        И џиновски Човек

                        Со мускули, железо и молња

                        Го гради –

                        Новиот Свет!

 

Има многу футуристичка сликовитост и занес во овие стихови. Човек со мускули, семоќни динамо-машини, електрична струја: сето тоа се футуристички воодушевувања, кои во крајна рака сонуваат човекот да се развива во согласност со машината, а машината во согласност со човекот. Општопознато е дека футуризмот на Томазо Маринети беше опседнат со техниката, и дека поради таа опседнатост со „човекот-машина“, италијанскиот футуризам отиде на погрешна страна: се приклони кон фашизмот, најсовршената идеолошка „машина“, каде што луѓето маршираа како шрафчиња во совршен механизам. Но, исто така е познато дека за разлика од италијанскиот футуризам, рускиот футуризам потпадна под левата политичка опција (како и Рацин); иако името го зедоа од италијанските футуристи, руските футуристи имаа сосема друга идеолошка визура, и затоа Рацин многу повеќе би можел да се споредува со нивниот градителски активизам, отколку со италијанскиот футуризам, со кој нема речиси ништо. Конкретно, Рацин би бил македонски роднина на кубофутуристите (Мајаковски, Хлебњиков и браќата Бурљук): од 1917 година тие застануваат на страната на Револуцијата, сакајќи да создадат уметност на новата, техничка цивилизација, но во служба на истиот поправеден, пролетерски свет во кој верува и Рацин.  

„Италијанските футуристи и советските пролетерски писатели мечтаеја за соединување на човекот и машината, со таков ентузијазам, кој кога ќе се погледне нашето денешно искуство, застрашува со својата наивност“[1] вели Ханс Гинтер, говорејќи за италијанските и руските футуристи. Тој посебно го истакнува култот кон брзината и електричната енергија (и кај Рацин постоеше воодушевување од волтите и амперметрите), и истакнува дека имало идеи (особено кај Маринети) новото движење наместо футуризам, да се вика електрицизам. Тоа обожување на електричната струја доаѓа од таму што со електричните феномени се поврзувала претставата за „таинствена животна енергија“, затоа што науката тоа, барем за италијанските футуристи, веќе „го докажала“.

Овде сопирам. Доколку моите стотина странички текст како обид за ново читање на поезијата на Рацин најдат макар и еден следбеник, сум успеал. Во што? Во спротивставувањето на она средношколско професорско јалово инсистирање Рацин да го читаме само како поет на македонските аргатски неволји.

Рацин е поет од европски формат. И акцелерација на книжевниот македонски организам. Тоа сакав да кажам во оние 100 страници. Прочитајте, судете.  

[1]HansGünther, „Mehanizacijačovjeka i oduhovljenjestroja“, “Umjetnostriječi” LIX (2015), Zagreb, 21.