Венецуела ја осуди американската поморска блокада како кршење на меѓународното право
Венецуела ја осуди заканата на САД за воведување целосна блокада на санкционираните нафтени танкери кои пловат кон и од таа земја, оценувајќи дека станува збор за кршење на меѓународното право, соопшти владата во Каракас.
Во соопштението е наведено дека американскиот претседател Доналд Трамп упатил „сериозна и безобѕирна закана“ кон Венецуела, кршејќи го меѓународното право, слободната трговија и слободата на пловидба, пренесува Radio del Sur.
Венецуелската Влада нагласи дека ова прашање ќе го покрене пред Обединетите нации.
Според соопштението, Трамп ги прогласил нафтените, копнените и минералните ресурси на Венецуела за сопственост на САД и побарал нивно предавање, со најава за поморска блокада со цел на земјата да ѝ се одземе нејзиното природно богатство.
Венецуела повторно го потврди својот суверенитет над природните ресурси и правото на слободна пловидба и трговија во Карипското Море и меѓународните води, наведувајќи дека ќе постапува во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право.
Постојаниот претставник на Венецуела во ОН, како што е наведено, веднаш ќе поднесе официјална жалба.
Во соопштението се повикуваат американската јавност и меѓународната заедница да ја отфрлат заканата, со порака дека Венецуела „никогаш нема да се врати во колонијален статус“ и дека ќе продолжи да ја брани својата независност и суверенитет.
Трамп соопшти дека наредил целосна блокада на сите санкционирани нафтени танкери кои патуваат кон и од Венецуела.
Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека секој обид на САД да ги блокираат санкционираните нафтени танкери би претставувал кршење на меѓународното право.