Вчера, уште 108 пациенти побарале помош за гастроентеритис во Гостивар


Според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, во текот на вчерашниот ден (21.07.2026 година) продолжи трендот на значително намалување на бројот на новопрегледани пациенти, односно лица кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.

Во Општа болница „Д-р Ферид Мурад” – Гостивар се регистрирани 60 нови прегледи на инфективното одделение, 37 нови прегледи на педијатриското одделение и 11 прегледи во Ургентниот центар, односно вкупно 108 нови прегледи. На инфективното одделение се примени два нови пациента на болничко лекување, додека на педијатриското одделение нема нови хоспитализации.

Во Здравствениот дом Гостивар се регистрирани 87 прегледи во дежурна служба и 17 повици до Итната медицинска помош.

Во ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, вчера се регистрирани три нови прегледи на пациенти од подрачјето на Гостивар, при што еден пациент е хоспитализиран.

„Во текот на вчерашниот ден продолжи континуираниот тренд на стабилизирање на состојбата. Во споредба со 20.07.2026 година, кога во Општата болница Гостивар беа регистрирани 183 прегледи, вчера се евидентирани вкупно 108 прегледи, односно намалување од околу 41 отсто. Истовремено, бројот на прегледи во Здравствениот дом е намален од 110 на 87 пациенти, односно за околу 21 отсто, што дополнително ја потврдува позитивната насока на движење на бројките,” појаснува министерот за здравство, Сашо Клековски.