Василевска тврди: Сиљановска ја критикуваше владата


 
Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Алфа телевизија освен што направи психолошки профил на СДСМ, што никого не го интересира бидејќи се опозиција и ништо не зависи од нив во државата, излезе и со позитивна оценка за говорот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова – зашто директно ја критикувала владата.
 

Според неа, говорот на претседателката бил  државнички и во него таа повикала на национален консензус за интеграцијата во Европската унија, а од критика не била поштедена ниту актуелната влада.

„Ако внимателно ја слушаме ќе видиме дека таа укажа и на тоа што е најважно, а таа критика е директно на адреса на актуелната Влада. Тоа се во евроинтеграцискиот процес, но и во самото развивање на македонското општество, борбата со корупцијата и борбата да се дојде до правосудство коешто што ќе биде достојно за македонските граѓани“, рече Василевска.

За лидерот на СДСМ Венко Филипче таа оцени дека е длабоко заробен во „фрчковизмот“ и во пропагандата на лажните машинерии кои одамна, повеќе од 20 години, веќе се надминати и како начин за артикулација во политичка битка, но и како модел со којшто би можело да се освојат гласови, да се собере група на луѓе која ќе ви верува, ќе се фати на тој бран и да се учествува во истото.
 

„Тоа е толку ветво и застарено што просто делува и несериозно“, констатира пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ во врска со реакцијата на Филипче на говорот во Собранието на претседателката на државата. Според неа, тоа се стари гебелсови методи кои тие, односно Социјалдемократскиот сојуз како политичка опција ги истрошиле за време на Шарената револуција каде што прегореле во композиција и пропагандна машинерија.

Во однос на состојбите во опозициската партија и нејзината иднина на политичката сцена, Василевска потенцираше дека оваа партиско раководство коешто е избрано сега само се обидува партијата да ја одржи во некоја состојба на клиничка смрт, надевајќи се дека ќе дојде некој нов бран сличен како тој со шарените.

Дека ВМРО-ДПМНЕ добро знае што се стари гебелсовски методи се виде и од соопштението утрово во кое се нафрлија врз Андреј Жерновски вадејќи од нафталин измислени скандали, меѓу кои и тоа дека имало скандали во неговото амбасадорување во Романија, иако романското МНР потврди дека бил повлечен затоа што се сменила владата во Македонија.