„Вашингтон Пост“: Бар организира новогодишна забава во хотел на Трамп за 30 илјади долари


САД– Државниот обвинител на САД, Вилијам Бар, организира новогодишна забава во хотелот на неговиот шеф во Вашингтон и за тоа ќе плати над 30 илјади долари, објави синоќа „Вашингтон Пост“.

Весникот дошол до копија од договорот потпишан од Бар, според кој хотелот „Трамп Интернешнл“ во Вашингтон за него организира „празнична семејна забава“ на 8 декември 2019 година.

Официјално лице од Стејт департментот укажало дека нема судир на интереси бидејќи „Бар плаќа за забавата од сопствен џеб и го одбрал хотелот на Трамп само поради тоа што другите хотели биле зафатени“ за тој датум.

Весникот коментира дека резервацијата за забава во хотел на Трамп е уште еден случај кога компаниите на Доналд Трамп заработуваат од и за време на неговото претседателство. Претседателот во понеделникот предложи место на одржување на следниот самит на Г7 да биде во неговиот голф-клуб Дорал на Флорида.

-Тој е сопственик… и тоа создава впечаток на корупција, изјави Валтер Шауб, поранешен раководител на канцеларијата за владина етика.

-Бројните недвижности на Трамп угостуваат разни лобисти и странски владини политичари за да влијаат на неговите политики, а тоа создава конфликт на интерес, пишува „Вашингтон Пост“.

Весникот се сомнева дека Бар е независен државен обвинител и дека со ова удоволува на неговиот шеф.

Така на пример, Бар беше критикуван на почетокот на годината за погрешно истолкуваните заклучоци на извештајот на специјалниот советник Роберт Малер за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година, со што Трамп беше беше на удар на јавноста поради сомнежите дека неговата кампања соработувала со агенти на Кремљ.