Вархеји: Лидерите ќе потврдат дека се посветени на целосна интеграција на Западен Балкан


Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, денеска изјави дека лидерите собрани на самитот ЕУ-Западен Балкан „ќе потврдат и јасно ќе кажат дека се посветени на целосната интеграција и членство на Западен Балкан во ЕУ“.

– Во таа насока, ние мора да ја преземеме нашата одговорност и да донесеме одлуки како што се отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, отворање кластери со Србија, забрзување на работата за кандидатурата на БиХ и визна либерализација за Косово, рече Вархеји по пристигнувањето на самитот.

– Задоволен сум од фактот дека Економскиот и инвестицискиот план, кој изнесува една третина од БДП на регионот или околу 30 милијарди евра, веќе почна да се спроведува. Тоа ќе ја забрза вистинската интеграција на општеството и економијата на Западен Балкан со ЕУ, подвлече Вархеји.

И претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека Самитот ќе биде можност да се „потврди европската перспектива на Западен Балкан“.

– Исто така, средбата ќе биде можност да се стави до знаење дека сме подготвени да издвоиме многу пари за инвестирање во тие земји, како и за поддршка на економските реформи и борбата против корупцијата, рече Мишел по пристигнувањето на состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан.

Мишел додаде дека Самитот ќе биде можност за слободна и отворена размена на мислења „за да видиме кои ќе бидат следните чекори“.

Словачкиот премиер Едуард Хегер денеска истакна дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е многу важно. Во изјава пред Самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, тој нагласи дека е многу важно одржувањето на собирот.

– Мислам дека фактот што бевме во можност да обезбедиме 30 милијарди евра за регионот, јасно покажува дека го гледаме како важен дел од Европа, објасни Хегер.

Според него, важно е ЕУ да стане глобален лидер, а тоа е можно само ако дејствува обединето кон своите глобални партнери.