Билјана Ванковска: Не отпишувајте ме однапред, чесно ќе се борам
Левица прва го објави претседателскиот кандидат. Професорката Билјана Ванковска изјави дека нема да биде политичка манекенка
Левица е првата партија која денес го објави својот претседателски кандидат за изборите во април, а тоа е професорката Билјана Ванковска. Таа рече дека очекува валкана и тешка изборна трка, да биде „сама против сите“ со реториката и со политиката што ќе ја застапува, дека ќе биде субверзивна и „ако ништо друго, ќе ја збогати дебатата“, но побара да не ја отпишуваат однапред – бидејќи нема намера само да биде политичка манекенка туку ќе се бори чесно.
Таа не сметаше дека треба посебно да се претставува бидејќи била многу активна во минатото, одела на протести, давала изјави, па ја имало толку што за неа важело правилото дека – и да отворите фрижидер, од него излегувала Ванковска.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преставувајќи ја Ванковска, рече дека им фрла ракавица на „буржоаските партии“ и дека смета дека имаат најдобар претседателски кандидат за овие избори. Тој го нарече голем успех тоа што на прес-конференцијата имаше повеќе од три камери, порачувајќи дека медиумите го бојкотираат.
Ванковска додаде дека нејзините погледи се поклопуваат на две линии со тие на Левица, а нив ги опиша како патриотски и левичарски.
„Јас не сум член на партијата, но веќе се почувствував како дел од овој тим. Јас сум левичар, таквите мои левичарски погледи, никогаш не ги криев. можеби ќе прозвучи нескромно, но како професорка мојата посебна специјалност се политичките системи, меѓународната безбедност, демократската контрола на безбедносните структури и сметам дека тоа мое знаење и тоа како е соодветно за моменталните состојби во Македонија. Секако, многу е важно да се посветиме на граѓанинот и неговите права во државата и на тој план многу ќе работам“, рече Ванковска.
За да биде и официјално претседателски кандидат таа треба да собере 10.000 потписи, поради што не сакаше да одговара во детали на „хипотетички прашања“, како тоа дали ќе ја поддржи професорката и колешка Гордана Сиилјановска-Давкова во вториот круг на изборите и кои се нејзините приоритети на кои ќе работи.
„Не мислам само да учествувам на изборите, чесно ќе се борам со респект кон кој било претседателски кандидат. Не знам дали мојата драга колешка воопшто ќе се нафати на тоа. Да беше таква идејата, не би се согласила да влезам во претседателска трка. Примопредавање на гласови нема да има, и затоа не отпишувајте ме прерано“, рече Ванковска.
На претходните претседатели таа им забележа дека биле премногу послушни кон владата и политичките фактори.
„Имам чувство дека ќе се најдам сама против сите во трката. Сите други ќе ги рециклираат нашите стратешки цели. Левица сака коренити промени, а мене таа идеја ми е многу блиска“, ги навести Ванковска своите програмски приоритети, најавувајќи наедно дека не знае ништо за изборната програма на Левица, ниту пак тие ќе ѝ се мешаат во нејзината, откако претходно дека кажа дека послушноста кон партијата што ги избира претседателите – ја смета за грешка.
„Нашите политичари застанаа во времето. Се вртат исти фразеологии, немаат чувство за промените. Светот нема веќе да биде едноставно место за живеење, по случувањата во Украина и Газа. Ни треба политичка со отворени очи“, рече Ванковска, нагласувајќи притоа дека никогаш досега не била носител на политичка функција ниту пак член на партија, но има знаење од меѓународната политика.
„Мојот политички пристап и реториката ќе го пореметат вообичаениот дискурс во земјата. Треба да се даде шанса на некој што размислува поинаку во Македонија, која тоне во Бермудски тријаголник создаден од трите договори“, рече Ванковска мислејќи на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, без да навлегува што планира со нив. Последниот договор, според неа, не дава шанса и надеж дека ќе стигнеме до подобро утре и затоа е крајно време да се сврти нов лист.
Промени од корен таа најави и за Уставот, кој го нарече „Пепелашка“, бидејќи според неа е збир на крпеници кои секој ги толкува како што сака. Очекувано, таа јасно се позиционираше против НАТО и ЕУ, порачувајќи дека изминатите години, додека сме чекале да влеземе во овие организации, тие значајно се смениле и сега „ниту НАТО е тоа НАТО, ниту ЕУ е таа ЕУ што се надевавме“, најавувајќи отворање кон – сите четири страни на светот.
Таа потсети дека еднаш се обиде да собере 10.000 потписи за кандидатура и не успеја.
„По 10 години излегувам на овој политички терен, размислувајќи што е тоа што се промени. Сфатив дека многу нешта се променети. Јас нема да бидам политичка манекенка, не сум случаен минувач, ја сфаќам политиката во поширока смисла и сум сега со поголема самодоверба. Сега постои тим околу мене кој е организиран во политичка партија и јас потписите од овој тим ги имам од пред десет години“, порача Ванковска.
И таа како и Апасиев потезите на владата ги нарече „шверцерски“ и дека ќе „им фрли ракавица“.
„Ќе ги извадиме ракавиците, помина таа политичка коректност. За десет години Македонија е сѐ што немаме, сега сме во многу полоша ситуација од времето кога мислев дека новите ликови во политиката ќе донесат нешто ново, но таа политика дава очајни резултати. Посебно оваа техничка влада која шверцерски сака да протурка закони кои се погубни за економскиот суверенитет на земјата“, рече Ванковска по нејзиното објавување на претседателската кандидатура. (Н.В.)