Ванковска најавува граѓански устав, ако стане претседател
Доколку на претседателските избори победи кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, Македонија би имала нов, граѓански устав, чии столбови ќе бидат АСНОМ и резултатите од референдумот од 1991 година. Ова може да се заклучи од презентирањето на дел од нејзината програма во телевизиско интервју на Телма.
Според Ванковска, Македонија е шампион по менување на Уставот и овој акт е премногу „сечен и лепен“, па затоа, би требало да се донесе еден поинаков, граѓански, либерален Устав.
„Претседателот не е монарх за да го подари уставот. Сметам на една демократска процедура, носење на народен Устав преку бурна дебата и дискусија. Во петгодишен мандат имате време тоа да го направите, сите тие велат да се направат промени во Уставот, има правни празнини и сите одат на некакви козметички проблеми. Јас во својот радикален настап заклучив дека некој треба да има храброст и да каже дека овој устав е крпен лепен и со најголем број уставни амандмани. Ние сме шампиони по менување на уставот. Зошто да не почнеме да разговараме, вие ја спомнавте и преамбулата, но и суштинскиот дел. Преку уставни реформи може да се модифицира политичкиот систем. Тоа би бил еден граѓански устав“, вели Ванковска во „Топ Тема“ на Телма.
Осврнувајќи се на метафората која таа ја користи во кампањата, односно „Бермудскиот триаголник“ од Рамковниот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, Ванковска појасни дека тие се однадвор наметнати и задираат во суверенитетот на нацијата.