Ванковска беше во Неготино, Димитриевски во Тетовско
Во својата посета на Неготино, кандидатката за претседател на Македонија, Билјана Ванковска истакна дека пиродата е исклучително дарежлива заТиквешијата, „но не и властите кои ја збришаа секоја трошка надеж и чест од работниот народ на Неготино. Тенденциозниот распад на капацитетите ‘Повардарие’ и ФЕНИ, формираа тло каде само локалните олигарси може да просперираат. Во таква средина, на работниците им останува само да се борат со пркос како младите од Левица против понижувачкиот третман на експлоататорите“.
Караванот на Максим Димитриевски денеска беше во посета на полошкиот регион. Димитриевски одржа средби со граѓани во Јегуновце, Теарце, Брвеница и во Тетово.
Димитриевски истакна дека досегашните претседатели се покажале дека повеќе се верни на партијата која ги номинирала, отколку на граѓаните кои ги избрале и тоа треба да се промени.
„Ниту еден претседател во историјата на оваа држава, со исклучок на поединци со доблест и став, не се одважија во ниту една прилика да кажат не на кој било политички субјект, а камоли на тоа од кај што потекнуваат. Јас од позиција на претседател никогаш нема да потпишам закон со којшто не се согласува мнозинството на граѓаните во оваа држава. На крајот на краишта, никогаш закон кој се прави измени во Кривичниот законик за само-амнестирање на овие актуелни и оние коишто беа, а притоа да молчам. Македонија бара претседател којшто ќе излезе од граѓаните и ќе биде претседател на граѓаните, со граѓаните, секојдневно да ги чувствува нивните маки и проблеми и да ги споделува“, истакна Димитриевски во Тетово.