Вајц: Има конструктивни сили во Македонија и Бугарија за решавање на проблемот
Извесtувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, е умерен оптимист дека може да се најде излез од ќор-сокакот за уставните измени и државава да тргне напред на пристапниот пат кон ЕУ.
Во интервју за „360 степени“ по претставувањето на нацрт-извештајот за Македонија во комитетот за надворешни работи, Вајц вели дека „конструктивните сили на двете страни ќе најдат начини да продолжат понатаму“.
На прашањето за неговите неодамнешни разговори во Скопје Вајц рече: „Има многу конструктивни сили и на двете страни и се надевам дека конструктивните сили ќе преовладаат затоа што на крајот на денот, ние сме соседи, имаме заеднички интерес, имаме заеднички безбедносни потреби, сакаме да изградиме економска област која е просперитетна. Гледам конструктивни сили кои се обидуваат да најдат начини да излезат од ситуацијата која беше многу тензична во последните години и јас многу жалам за тоа бидејќи, на крајот на денот, денес во оваа геополитичка ситуација во која се наоѓаме, мислам дека сите Европејци треба да разберат: или ќе се држиме заедно, или ќе работиме тесно заедно со меѓусебно почитување едни кон други, или ќе бидеме маргинализирани во овој нов свет што го гледаме денес. И мислам дека сум оптимист оти конструктивните сили на двете страни ќе најдат начини да продолжат понатаму.
Според него, важно е владата во Скопје да продолжи со реформите бидејќи оваа година нема избори. „Значи, ова е година за спроведување на реформите, не само за уставните измени, туку и т.н. Реформска агенда, Планот за раст е важно прашање. Сè уште се потребни реформи и ако тие не се спроведат до јуни, земјата би можела да изгуби 47 милиони евра буџетска поддршка што доаѓа од Европската унија. Силно би жалел за тоа“, нагласи Вајц.
Тој има разбирање за барањето да се исполнат пресудите од Стразбур за Македонците во Бугарија. „Правото на собирање на Македонците во Бугарија секако треба да се исполни. Мислам дека ова не треба да се поврзува со никакви други прашања бидејќи ова е право на секоја заедница или етничко малцинство да формира здруженија и да го изразува својот културен идентитет. И затоа ова е барање кое го поддржуваме и ние во Европскиот парламент кон Бугарија да ги спроведе судските пресуди“. Но Вајц е прилично воздржан околу барањето на премиерот Христијан Мицкоски да нема други барања на патот кон ЕУ. Тоа се работи на Европскиот совет.
„Билатералните прашања треба да ги решаваат самите земји билатерално. Тие не треба да играат улога во идните преговори со ЕУ. Сите ние, а јас сум австриски државјанин, имавме многу билатерални прашања кои требаше да ги решиме во последните 70-80 години. Потребно е време, исто така и за историјата е потребно време и ниене треба да поврзуваме никакви политички одлуки со овие прашања. Дали може да има апсолутни гаранции дека нема да има веќе барања од страна на Европската унија? Ова е невозможно да го направи Комисијата бидејќи тоа е долг процес на преговори и можеби во одреден момент реформите кои не се случуваат на терен би можеле да доведат до некои прашалници“, рече известувачот и нагласува дека ниту една земја не го блокира напредокот на нка не го блокира напредокот на Македонија, туку е поставено само едно прашање – уставните измени.
Во врска со споменатиот датум од страна бугарската претседателка Илијана Јотова по разговорите со Антонио Кошта во Минхен дека е можно решение до јуни, Томас Вајц потврди дека нешто се случува зад сцената:
„Јас не сум вклучен во директните планови на г. Кошта, но можам да потврдам дека одржав разговори во Скопје, но и овде во Брисел, кои укажуваат во насока на можно решение. Има многу конструктивни сили овде на страната на Унијата, но и на бугарската страна, а исто така и на страната на Северна Македонија, кои се обидуваат да најдат излез од овој ќорсокак. Така што, можам да потврдам дека има многу луѓе кои работат на наоѓање решение“, вели Томас Вајц во интервјуто за „360 степени“.