Вајц ги повикува политичарите во Македонија да престанат со нападите врз правосудството


 
Додека пратениците од власта си прават политички пи-ар во Собранието плукајќи врз работата на обвинителите во државата, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, предложи амандман со кој јасно им покажа каде го гледа проблемот околу правдата во Македонија, што ВМРО-ДПМНЕ не ја вадат од уста. 
 
Имено, во еден од амандманите Вајц ги повикува „сите политички актери да престанат со
своите напади врз судските институции, вклучувајќи го Судскиот совет и Советот на обвинители, да ја почитуваат нивната независност и да престанат да се мешаат“ во нивната работа.
 
Ваквиот амандман доаѓа во време кога пратеник на власта во Собранието порача дека „трите Грации од СЈО се извалкале повеќе од трите прасиња“, вклучувајќи ја тука и јавната обвинителка Ленче Ристоска која беше еден од кандидатите за нов државен јавен обвинител. 
 
Со друг амандман Вајц ја лоцира  уште подиректно причината што нема правда во државата, место таа да се префрла само на правосудските органи. Во него тој „длабоко жали што измените на Кривичниот законик од 2023 година продолжуваат значително да ги поткопуваат напорите за борба против корупцијата, особено во гонењето на случаи на корупција на високо ниво. Неодамнешните измени, кои беа жестоко критикувани од експертите и граѓанското општество не донесоа решение за ова. Ги повикуваме властите итно да подготват измени на постојниот Кривичен законик во тесна соработка со ЕУ и други релевантни засегнати страни за да се справат со негативните влијанија од промените направени во септември 2023 година и во јануари 2026 година и да обезбедат нивно ефикасно спроведување“.  
 
Поедноставно кажано, Вајц со амандманот јасно порачува дека последните измени на Кривичниот законик предложени од ВМРО-ДПМНЕ се само шминка, т.е. мачкање очи на јавноста, бидејќи не се отстранети негативните ефекти од претходните измени со кои на голема врата беше внесена неказнивоста.
 
И додека Вајц лоцира суштинска законска недоследност која отвора простор намерно  да се избегнува правдата, Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ во расправата за избор на јавниот обвинител тврдеше дека „правдата доаѓа“. Исшаѓа дека на сите во ЕУ им е јасно каде е проблемот во нашата држава, а нашиите политички структури не го гледаат. така, во повеќето амандмани на оваа тема европарламентарците бараат да се внесе оценка дека „судскиот
систем, независноста на судовите и обвинителството и напорите за зајакнување на рамките за владеење на правото и борба против корупцијата не напреднале доволно“. Притоа ги повикуваат „политичките засегнатите страни итно да се воздржат од политичко мешање во
судството“.
 
„Со загриженост ги забележуваме длабоките структурни слабости и негативни трендови
во функционирањето на независното судство, вклучително и несоодветното финансирање
и екипирање на судските институции и обука на нови судски службеници, како и
зголемениот недостиг на судски функционери. Изразуваме разочарување што
не е завршена работата на новиот Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди. Нагласуваме дека стандардите за изрекување казни
за корупција и за застарувањето треба да обезбедат гонењето на корупцијата, особено за
сложени и случаи на високо ниво, да не биде негативно засегнато“, стои во амандманите.
 
Во еден од нив има и директна порака за ВМРО-ДПМНЕ и нивното сваќање на правдата:
 
„ Изразуваме загриженост дека измените на Кривичниот законик во Северна Македонија, кои ги скратија роковите за застарување и ги намалија казните за корупција на високо ниво и
злоупотреба на службена должност, ги поткопаа тековните судски постапки, вклучително и случаите со висок профил во кои е вклучен поранешниот премиер Никола Груевски. Овие законски измени резултираа со прекинување или истекување на неколку тековни случаи
покренати од Специјалното јавно обвинителство, создавајќи перцепција за неказнивост за истакнати политички актери и ослабувајќи ја јавната доверба во судството“.
 
Поедноставно кажано, во ЕУ сметаат дека политичките актери, а не обвинителствата, создале терен за неказнивост во Македонија и не прават доволно да го сменат тоа. (С.Ј.)