В недела централата на НАТО се сели во Скопје


„Централата“ на НАТО  в недела и в понеделник ќе се пресели во Скопје. Покрај генералниот секретар Јенс Столтенберг, ќе допатува и целиот Северноатлантски совет (НАК) во кој се амбасадорите на сите земји членки на алијансата во Брисел. Во рамки на посетата ќе има заеднички состанок на НАК со Комитетот за интеграција во НАТО, со кој претседава премиерот Зоран Заев. На состанокот ќе се дискутира за процесот на нашата интеграција и тоа ќе биде финалната политичка потврда за нашето извесно идно членство.

Ова е втора посета на НАК. Првата била во 2003 година предводена од  тогашниот генерален секретар Лорд Робертсон, кога биле  дојдени за да нè поддржат во обезбедување на стабилноста и сигурноста, како и за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.

– Сега доаѓаат за да ставиме заеднички политички „печат“ за нашето полноправно членство во НАТО, вели Дане Талески, посебен советник за надворешни работи на премиерот.

Тој очекува процесот на ратификација на Протоколот за полноправно членство да заврши до крајот на годината, при што последната ратификација ќе биде во нашето Собрание.

– Досега Протоколот за наше членство во НАТО го имаат ратификувано 13 земји членки. Тоа се безмалку половина од вкупно 29 земји членки. Знаеме дека процедурата е започната и во сите други земји членки. Реално е да очекуваме дека целата постапка ќе заврши до крајот на годината. Се надеваме дека за самитот на НАТО во декември, на кој се одбележува 70-годишнината од основањето на НАТО, ние ќе учествуваме како 30. земја членка. Тоа ќе даде дополнителна симболика и вредност на самитот. Но, и ако не се случи тоа, ако постапката на наше полноправно зачленување се заврши на почетокот од 2020, и тоа ќе биде сосема во ред, односно тоа нема да има никакво суштинско значење, вели Талески.

Фото: Б. Грданоски